Ансамблот „Танец“ традиционално, со новогодишен концерт и нова кореографија, ја заокружува 2021 година
Националниот ансамбл за македонски народни игри и песни „Танец“ на 21 декември во 20 часот во Македонскиот народен театар ќе го одржи традиционалниот новогодишен концерт со кој ќе ја заокружи успешната 2021 година. Иако во услови на пандемија, кои го условија ансамблот задоцнето да ја започне концертната сезона, „Танец“ реализираше богат концертен циклус со спектакуларни концерти на отворено и затворено низ повеќе градови на нашата држава, во рамките на сезоната симболично наречена „Враќање“ во чест на годишнината на Конески. Годинава, „Танец“ реализираше и низа концертни претставувања на престижните фестивали „Охридско лето“, „Илинденски денови“, „Скопско лето“, „Есенски музички свечености“, „Рацинови средби“, „Струмица на отворено“, а оствари и незаборавни концертни соработки со Националниот ансамбл за народни игри и песни „Ладо“ од Хрватска и со нашата гитарска легенда Влатко Стефановски. Освен концертите, „Танец“ во годината што изминува публикуваше и печатени и дискографски изданија.
Оваа тешка и особено сложена, но успешна концертна година, „Танец“ ќе ја круниса со новогодишниот концерт на кој ќе биде изведена раскошна музичко-сценска програма во која ќе настапи целиот ансамбл и ќе бидат исполнети познатите сценски постановки и кореографски творби како орото „Копачка“, „Шопска петорка“, потоа „Роненка“, „Жетварка“, „Радовишки собор“, како и композиции од богатиот вокално-инструментален репертоар. Ексклузивно на овој концерт ќе биде премиерно претставена и кореографската постановка „Мијачка“ на авторите Марјан Андоновски (кореографија) и Дарко Илиевски (музичка обработка). Ова ново кореографско дело се темели врз личните теренски истражувања на кореографот низ пределот Мала Река.
Картите за новогодишниот концерт се пуштени во продажба преку онлајн сервисот и билетарницата на Македонскиот народен театар, по цена од 500 денари.
Онлајн продажбата е на следниот линк:
https://mnt.mk/online/index.php?id=457