Новоименувани се 12 надворешни советници на премиерот Ковачевски

Сподели

 

Реномирани универзитетски професори, долгогодишни експерти докажани по својата стручност, секој во својата област во земјава и на меѓународно ниво, се новоименуваните 12 надворешни советници на претседателот на Владата Димитар Ковачевски, известија од Владата.

Со одлука на Влада, значително е намален бројот на лица кои го советуваат премиерот Ковачевски. Наместо претходниот тим од над 50, сегашниот тим се состои од само 12 надворешни советници. Меѓу нив се професорите од Економскиот факултет, Правниот факултет, Факултетот за електротехника и информатика, поранешни пратеници, но и заменици-министри.

Функцијата надворешен советник за зајакнување на капацитетот на економскиот тим во Канцеларијата на претседателот на Владата ја извршува експертот од Сојузна Република Германија, Јоханес Хајдекер. Хајдекер, кој претходно работел на повеќе менаџерски позиции во приватниот сектор, ќе се фокусира на зајакнување на деловните односи на Северна Македонија со Германија и другите земји на ЕУ, со акцент на промоцијата на начините на снабдување низ европскиот континент и економската политика за време на корона кризата.

Професор д-р Предраг Трпески, од Економскиот факултет кој е експерт за пазарот на трудот, а во минатото бил дел и од извршната власт, е надворешен советник за економија. 

Професорот од Правниот факултет Ванчо Узунов е назначен за надворешен советник за Берлински процес. За политиките од областа на енергетиката надворешен советник е Антон Чаушевски, професор од Факултетот за електротехнички и информатички технологии. 

Глигор Бишев кој има богата професионална биографија во банкарскиот сектор во Република Северна Македонија е надворешен советник за рационализација и оптимизација на процеси. Нина Фити-Неделковска, претставничка од Светска банка ќе ја врши функцијата надворешен советник за финансии. Дополнително на листата на советници се поранешниот пратеник Исмет Рамадани кој е надворешен советник  за евроатлански вредности и Драган Василевски за одбрана.

Надворешна советничка за здравство е доцент д-р Ана Данева-Маркова од Универзитетската клиника „Мајка Тереза“ во Скопје. Спасе Додевски е надворешен советник за образование и социјала. Додевски и во претходниот мандат на Владата беше вклучен во креирањето на политики поврзани со социјала и инклузија, а Симона Ристеска за даночна политика. Д-р Ристеска е професорка на повеќе предмети на Warwick Business School во Велика Британија. Со докторат се има стекнато на лондонската економска школа.

Маја Ангеловска е надворешна советничка за дигитализација. Ангеловска има 25 годишно работно искуство во телекомуникацискиот сектор во државата и извршувала менаџерски позиции, но и учествувала во имплементација на планови за дигитализација на услугите.