Големите сили ја глобализираат и смртта, пишуваше српскиот новинар и публицист Момчило Ѓорговиќ во почетокот на две илјади и петнаесеттата година и, се чини, како да ја предвиде иднината. Односно, нашата сегашност.
Големите сили, сè повеќе, си играат со смртта ширум планетата. Сосема е неизвесно, кое е следното место на живеење што ќе стане гроб: некој блискоисточен тивок град или некое јужноамериканско пикторесно село? На сите во светот им се заканува целосна екстерминација од некаква нуклеарна бомба. Секако, и нас овде на Балканот. Таа неизбежност која низ времето, есклузивно беше во рацете на природата, или во молњата на Зевс, сега е преземена од моќните капиталистички сили. Танатос е претворен во нивни послушен слуга и тие дементни банкари, генерали и политичари одлучуваат кога и како ќе чукне смртниот час за целото човештво. Денес во светот, за жал, луѓето се важни само како робови за олигархијата или топовско месо за лудите офицери.
Денешнава светска владеачка елита води војна во која меѓусебно се уништува заради обострана омраза и профитерски интереси и, сè повеќе, се заканува дека ќе ја уништи целата цивлизација. Некоја умна глава, многу одамна, со право рекол дека „војните се добра жетва за кралевите“, та затоа денес сите врескаат за мир и сурово војуваат како дивјаци, а владетелите светски уживаат во таа општа бркотница, зашто смртта е вода за нивната профитерска мелница. Во оваа современа крвава трагедија, и олигарсите, и „царевите“, и политичарите, заработуваат исклучително добро. За сите тие неолиберални мизантропи, човекот, со нискоста на своите егзистенцијални потреби, е само некаков вид дива свиња, која во своите анимални нагони ги надминал сите останати животни, та затоа треба безмилосно да се тамани, сè додека не останат оние малкумина богати ариевци. На светската политичка сцена се случува овоплотување на фашизмот.
За контрола врз плебсот, на големите мајстори на профитот и војната, на буржоаските неофашисти, најдобро им служат десничарските хулигани и политичари. Затоа што се конфликтни и се потпираат на демагогија и сурова сила. Оти токму тие се најмалку подготвени да ги почитуваат луѓето како рамноправни луѓе, да ги почитуваат своите сограѓани и своите соседи, да ги почитуваат човековите и малцинските права. Тие се цврст гарант за присуството на vis major во сите региони каде Големиот брат и неговите сателити имаат интерес да бидат присутни и доминантни.
Оттаму, ниту имало, ниту ќе има мир со неолибералните политичари и десничарските хулигани. Хитлер е најочигледниот пример од минатото. Со десничарските неолиберали секој договор е измама. За нив само силата е вредна за почит. Затоа, денес во политиката вообичаени се двојните стандарди, измамите и лицемерието, а пропаѓа она што во некои поубави времиња се нарекуваше „меѓународно право“. Имa, денес, геостратези и луѓе со инстанчен и плаузабилен политички инстикт, кои тврдат дека денешната европска војна е испровоцирана од растечката доминација на неофашистичките сили кои веќе триесет години вршат ревизија на резултатите од Втората светска војна и поредокот воспоставен со Јалта.
Од ревизионизмот, слично како по првата голема војна, произлегува успонот на десницата. Марк Мазовер, британски историчар, се прашува, со право, дали се форсира како алтернатива на Европската унија „хаос на континетот повторно втурнат во национални судири од минатото, со германска доминација и воени закани“. Впрочем, како што пишува и Славко Голдштајн, се чини, дека 1941 се врати во Европа по 1991 година, оти „иако Германците… самозадоволно го исковале терминот „Vergangenheitsbewaltigung“ (превладување на минатото), се плашам дека тоа минато не е сосема надминато кај нив…“ Сосема е јасно дека на глобално ниво се амалгамираат националшовинизмот и милитаризмот, што нужно води кон создавање на некаков вид моќно фашистичко движење. Сè се сведува на „наши“ и „нивни“. Sieg Heil, е повторно меѓу нас.
Луѓето денес се спротивставени самите на себе, па стојат поделени на двата брега од блескавата, крвава, разбеснета нуклеарна река и, плачат ли плачат, немоќни и слаби пред брановите од лудото лудување на олигарсите, генералите и нивните интелектуални лакеи. Легиони од неолиберални вампири кои се хранат со човечка пот и крв, не само што го покорила човештвото и го тера да војува за нивната благодет, не само што преку своите интелектуални шамани, преку образованието и холивудската кич-култура, го опседнала човештвото, туку сите кои зборуваат против боговите на Олимп, против војувањето, против експлоатацијата, против неправдата, против капитализмот, се спремни да ги запалат на клада. Песимизмот што излезе од системската осаменост и отуѓеност на личноста, на глобално ниво се материјализира во завидливост и омраза кон правдата и човечноста, кон солидарноста, кон борбата за еднаквост и братство меѓу сите луѓе.
Едвард Сноуден во своето „Писмо од Москва“ од пред десет години, пишува за современата масовна примена на „старите, гадни средства на политичка агресија“, кои имаат за „цел да ги заплашат, не мене, туку оние кои би дошле после мене.“ Денес, кога на светската цена гледаме примена на масовно заплашување, демонизација и сурова цензура на инакумислечките, кога тешките, густи облаци го кријат сонцето на Земјата, сите можат лесно да ја сфатат заканата за слободата и физичкиот опстанок на човештвото. Военотехнолошкиот прогрес изродил и технолошка моќ за целосно уништување и истребување. Но, сепак, дури и сега…, особено сега, кога нуклеарниот будилник покрај сите нас бучно ги отчукува последните часови на човештвото, треба да го бараме и затресеме големото ѕвоно на хуманизмот и да се обидеме да го спасиме светот и човечноста.