Нуредини: Презентиран стратешкиот проект за ски-центарот Попова Шапка

Сподели

 

„Големо задоволство е што успеавме да добиеме сериозна понуда од страна на реномирана европска компанија од Јужен Тирол, ТехноАлпин којашто е светски лидер во производство и инсталирање на системи за вештачки снег, признат експерт за дизајн на скијачки терени и скијачки зони. Првата фаза од инвестицијата е во вредност од 55 милиони евра во првата фаза на имплементација, и вкупна инвестиција од повеќе од 180 милиони евра во следните 6 фази од реализација на оваа сериозна инвестиција”, истакна министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини на денешната тематска прес конференција на којашто беше претставен понудувачот за имплементација на стратешкиот проект за развој на ски-центарот Попова Шапка, компанијата ТехноАлпин и понудените инвестициски и развојни планови.  

Министерот Нуредини посочи дека подрачјето на Попова Шапка како дел од НП Шар Планина е предвидено да биде бафер зона, насочувајќи се кон социо-економски развој и искористување на можностите коишто ги нуди ски-центарот  Попова Шапка.

„Попова Шапка во едно минато време беше предизвик за врвни имиња на зимските спортови, но за жал долгогодишното неинвестирање доведе до сериозно заостанување и неискористеност на бројните можности и капацитети за развој на туризмот што го нуди овој планинарски локалитет високо вреднуван и на европско и на светско ниво. Наша цел и нашите напори се насочени максимално да ги заштитиме  природните вредности, но и да обезбедиме услови за социо-економски развој и можност нашите природни убавини да бидат атрактивни, европски и да привлекуваат туристи од целиот свет, да ѝ носат приход на државата, а за граѓаните да отвораат нови работни места и нови економски можности”, потенцира Нуредини.

Понудениот инвеститор, компанијата ТехноАлпин од Италија го презентираше проектниот мастер план, којшто се состои од 7 фази на реализација, а првата е предвидена во следните 5 години со интегрирање на постоечките капацитети на Попова Шапка и изградба на нови ски-стази и жичари.

„Ќе се интегрираат постојните падини, а понатаму ќе се направат и нови 16 ски- падини и развивање на ски-центарот кон северниот дел. Ќе се изградат 9 нови жичари, а на почетокот од реализацијата на проектот ќе се направат две од нив. Во првата фаза ќе се изградат системите за вештачки снег, целосно автоматизирани и да бидат поврзани со софтверот на компанијата ТехноАлпин со што ќе се гарантира отворање на сезоната на почетокот на декември, а затворање на ски-сезоната кон крајот на месец март.

Понатаму во нашиот план е предвидено и изградба на 2 планинарски дома со капацитет од 160 легла. Важно е да се искористи не само зимската сезона туку и летната, па затоа би инвестирале во изградба на алпски жичарници коишто ќе бидат близу до езерата како и нови велосипедски патеки, истакнуваат од компанијата ТехноАлпин.
Во рамки на инвестицискиот план е изградба и на нова жичара (гондола) од Тетово до Попова Шапка, како и три нови паркиралишта со што би е решило прашањето на безбеден транспорт до ски-центарот и би се избегнала транспортната гужва. 

Прес-конференцијата е организирана со цел јавноста да биде информирана уште во рана фаза на имплементација на оваа стратешка инвестиција што треба да овозможи изградба на ски- центар во рангот на најдобрите европски и светски ски – центри што всушност и заслужува да биде, од компанија што има кредибилитет, финансиски средства и светско искуство.