Американскиот претседател Барак Обама од денеска ја почнува дводневната посета на Атина. За грчката влада оваа посета, иако на крајот на мандатот на Обама, е од огромно значење и се проценува дека ќе донесе голема поддршка за намалувањето на грчкиот долг и за бегалската криза. Покрај овие две клучни теми, се очекува Обама да се фокусира и на безбедносната ситуација во регионот, грчко-американските врски, можностите за инвестиции, кипарското прашање и на геостратешката улога на Грција во регионот.
Обама ќе се сретне со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос и со премиерот Алексис Ципрас, a ќе присуствува и на вечера во претседателската палата, во присуство на 120 грчки и американски гости. В среда Обама ќе го посети музејот на Акропол и ќе одржи проштален говор од културниот центар „Ставрос Ниархос“.
Главната порака што се очекува од Обама е поддршка за грчките напори за реформи во државата и истакнување на потребата за олеснување на грчкиот долг. Владата во Атина се надева дека Обама оваа порака ќе ја сподели и со канцеларката Ангела Меркел на неговото патување во Берлин, веднаш по посетата на Атина. Проценките се дека Обама ќе посочи дека Грција е неопходно да продолжи да ги спроведува договорените реформи, како и дека ќе разговара за можностите за американски инвестиции во Грција. Грчката влада очекува и благодарност и поддршка за справувањето со клучниот глобален проблем – бегалската криза.
На агендата на средбите на Обама со Ципрас и со Павлопулос ќе се најдат и кипарското прашање, соработката во НАТО, потенцијално и Турција, како и борбата против тероризмот и безбедноста на регионот. Под знак прашалник е дали ќе се отвори спрот за името, кој во Грција посочуваат дека не е од толку големо значење како другите теми.
Посетата на Обама во Атина се одвива под силни безбедносни мерки. Центарот на градот го чуваат 5.000 полицајци, 500 тајни агенти на ЦИА, специјалци и снајперисти. Во моментите кога Обама ќе патува од аеродромот кон центарот на градот, улиците ќе бидат затворени и блокирани за сообраќај, нема да има ниту едно метро од аеродромот кон градот, а метро-станиците во центарот на градот ќе бидат затворени од пладне на неодредено време. Од безбедносни причини, нема да има настава во училиштата во строгиот центар на градот и околу Акропол. Хотелот каде ќе престојува Обама се држи во тајност.
Грчката полиција строго забрани протести за време на дводневната посета на Обама во Атина, но и покрај тоа дел од синдикатите и анархистичките здруженија повикуваат на протести против американскиот претседател и политиката на САД.