Американскиот претседател Барак Обама вчера ја бранеше кандидатката за претседател на демократите, Хилари Клинтон, и го критикуваше ФБИ поради новото објавување на електронски пораки поврзани со приватниот сервер, порачувајќи дека нема простор за мешање во истражните процеси.
По објавата на ФБИ, Белата куќа соопшти дека имаат доверба во директорот Џејмс Комеј, кој Обама го именуваше, а кој, инаку, е републиканец кој во претходните изборни процеси финансиски ги поддржуваше противниците на Обама, Џон Мекејн и Мит Ромни.
Обама сега во прва директна реакција рече дека е внимателен за да не изгледа како да се меша во целиот процес, но оти е важно во вакви ситуации да не се „оперира со некомплетни информации“.
Американскиот претседател во првиот коментар откако директорот на ФБИ, Џејмс Комеј, во петокот објави дека пронашле мејлови поврзани со Хилари Клинтон и оти ги разгледуваат, рече дека е незадоволен зашто сè е прилично нејасно.
– Мислам дека постои норма кога имаме истрага да не оперираме со нејаснотии или некомплетни информации или со протекување податоци. Дејствуваме на база на конкретни одлуки – рече американскиот претседател.
ФБИ во петокот соопшти дека дошле до нови електронски пораки што би можеле да бидат поврзани со приватниот сервер кој Клинтон го користела додека била државна секретарка на САД во првиот мандат на Барак Обама, од 2009 до 2013 година.
Комеј рече дека не знае дали мејловите се значајни, притоа не давајќи некакви детали освен дека електронската пошта постои.
Комеј потоа беше изложен на остри критики затоа што, според многумина, ја прекршил долгогодишната практика на ФБИ чувствителните истраги да се држат во тајност и оти се избегнуваат политички осетливи објави во пресрет на претседателки избори.
За мејловите многу малку се знае, освен дека се пронајдени во една сосема друга истрага чија мета беше поранешниот американски конгресмен Ентони Винер, кој е сопруг на главната советничка на Клинтон, Хума Абдин, а која се разведува од него. Винер третпат во последните пет години е фатен во секс-скандал, а овојпат постои сомнеж дека праќал недолични фотографии на малолетничка.
Обама потсети дека ФБИ во јули, истражувајќи го користењето на приватниот сервер додека Клинтон била државен секретар, соопшти дека не биле пронајдени докази за каква било злоупотреба, освен дека била „крајно неодговорна“, за што и се извинила.