Обезбеден неповратен грант од 3 милиони евра за модернизација на училишни спортски сали

Сподели

 

Северна Македонија добива неповратен грант во висина од 3 милиони евра кои ќе бидат инвестирани за реконструкција на 30 постоечки училишни спортски сали во основни и средни училишта и за набавка на нова спортска опрема за вкупно 50 спортски сали во склоп на основни училишта.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска потпиша договор со Томаш Бошек вицегувернер на Банката за развој при Советот на Европа која ги обезбедува средствата со поддршка на земјите донатори – Шведска, Норвешка, Австрија и Германија и со Делегацијата на ЕУ во Скопје. Грант средствата се дел од проект вреден 65,7 милиони евра наменети за инвестиции во образовната инфраструктура во земјава кој се реализира со средства од националниот буџет, средства од билатерални донатори и заеми од Банката за развој при Советот на Европа, а под чадорот на Инвестициската рамка за Западен Балкан – тело за мултиратерално финансирање координирано од Европската комисија.

 

 

 

„За нас како земја во развој со прилично ограничен буџет, овој износ е значајна поддршка и уверувам дека средствата правилно ќе бидат искористени, во интерес на децата, а согласно анализата која како министерство ја направивме во изминатиот период и која покажа каде и колку, односно во кои училишта е најприоритетно да се вложи, за да се обезбедат подобри услови за часовите по спорт, но и за рекреација по завршување на наставата“, – изјави министерот Шаќири.

Ссредствата ќе бидат вложени во училишта и во урбани и во рурални средини, што значи дека нема приоритизација на некоја општина или училиште по ниеден друг основ, освен по направениот увид и проценката дека констатираните услови во спортскиот објект и постојна опрема, бараат итна промена.

Вицегувернерот на Банката за развој при Советот на Европа Томас Бошек изрази задоволство што овозможиле пристап на Северна Македонија до нов грант од од 3 милиони евра и информираше дека од 2007 година до сега Банката и’ овозможила на државава средства во вкупен износ од 42,5 милиони евра, од кои бенефициите преку подобрување на образовните услови ги почувствувале над 100 илјади ученици.

„Многу сме горди на оваа заедничка работа. Зголемувањето на пристапот до образованието и подобрувањето на образовните резултати заради поттикнување на социјалната кохезија и економскиот раст е главен приоритет за Банката. Затоа, со големо задоволство и во иднина би ја продолжиле соработката со Северна Македонија во областа на образованието“, рече Бошек.