Обезбедени дополнителни 284,9 милиони денари за нови 1.216 вработувања преку Оперативниот план за вработување

Сподели

 

Министерството за труд и социјална политика обезбеди дополнителни 284,9 милиони денари за нови 1.216 вработувања, кои ќе бидат реализирани преку Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување.  

Владата на Република Северна Македонија на вчерашната седница на предлог на Министерството за труд и социјална политика, го разгледа и прифати ревидираниот Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година. Во ревидираниот Оперативен План се имплементирани дополнителните средства во износ од 284.960.000 денари, обезбедени со Буџетот на Република Северна Македонија.

Целта е да се зајакне пристапот до активните политики за пазарот на труд, особено за нискоквалификувани невработени лица и лица од ранливите категории. Ова е предвидено со Акциски план за реализација на препораките од заедничките заклучоци од Економско – финансискиот дијалог од јули 2021 година.

Од вкупно предвидените средства, 36.900.000 денари се наменети за Програмата 1, односно за поддршка за самовработување (претприемништво) за дополнителни 115 самовработувања; 153.750.000 денари за мерката за субвенционирање на плати со што ќе бидат дополнително опфатени 674 невработени лица.

Обезбедени се средства и за имплементација на новата пилот мерка за субвенционирање на плати во текстилниот сектор за 300 невработени лица во висина од 73.800.000 денари, како и 15.289.200 денари за мерката вработување и раст на правни субјекти за 127 дополнителни вработувања.

Со овие измени и дополнувањата во Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот обезбедуваме вработување на нови 1.216 невработени лица,  преку програмите за вработување.
Министерството за труд и социјална политика со своите стратешки приоритети и цели во континуитет креира и имплементира ефикасни политики на социјална инклузија и  политики за вработување.  Целта е да се обезбеди подобар и побрз пристап на различни  ранливи категории на невработени лица   на пазарот на трудот во Република Северна Македонија.

Со Оперативниот план во 2021 година се опфатија околу 12.000 невработени лица, преку 8 различни видови на програми во рамките на кои се содржани и одделни мерки.

До ноември реализирани се 85% од Оперативниот план за 2021 година и во наредниот период ќе се интензивира неговата имплементација.