Oсновното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесе Обвинителен предлог против 12 лица за сторено кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353-в став 2, во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Обвинителството, велат од таму, постапуваше по предметот оформен по допрен глас, кон кого подоцна беше припоена и кривичната пријава поднесена од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и законскиот застапник на оштетеното дете, сега починатата Тамара Димовска од Велес.
„Во текот на истрагата, надлежниот јавен обвинител ја побара и обезбеди целокупната документација поврзана со лекувањето на ова дете и тоа од повеќе институции – Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија, Министерството за здравство, Универзитетската клиника за детски болести, ЈЗУ ТОАРИЛ УЦ, ПЗУ „Филип Втори“ – Скопје и Општата болница во Велес. Истовремено, преку Основното обвинителство Велес, кое ја нареди обдукцијата на починатото девојче, беше преземен и секциониот протокол со кој од страна на Институтот за судска медицина се утврдува конкретната причина за смртта на Тамара Димовска.
Јавниот обвинител, во текот на истражната постапка, ги испита членовите на Стручниот колегиум – потписници на Предлогот за упатување на лекување во странство, претставник на Фондот за здравствено осигурување, секретарите на Комисиите на Фондот (првостепена и второстепена), директорот на ЈЗУ ТОАРИЛ УЦ, како и членовите на првостепената и второстепената комисија, кои одлучувале при донесувањето на негативното мислење за упатување на овој пациент на лекување во странство.
Од Институтот за судска медицина и медицинска деонтологија беше побарано да изврши и дополнително вештачење за да се утврди поврзаноста на конкретната причина за смртта кај Тамара Димовска со нејзината општа здравствена состојба. Надлежниот јавен обвинител ја испита и мајката на сега починатото дете.
Постапувајќи во истиот предмет, надлежниот јавен обвинител донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава за две лица за кривичното дело Несовесно работење во службата од член 353-в став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, како и за едно лице кое се товареше за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. За овие три лица беше утврдено дека немале овластувања да одлучуваат и не учествувале во одлучувањето за лекувањето на починатото дете“, соопштија од Обвинителство.