Граѓаните и правните субјекти во Скопје кои се поврзани на централниот систем на топлинска енергија, од 15 октомври ќе почнат да добиваат топлинска енергија, сѐ до 15 април 2019, кога трае регулираниот период за редовна испорака, соопштија од компанија БЕГ.
Во овој период, како што се посочува, испораката на топлинска енергија се врши по строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и надворешните температури. Овие правила и дијаграми се утврдени во регулативата за испорака на топлина до потрошувачите одобрена од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.
Доколку надворешните температури се пониски, во текот на регулираниот период се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20 +1 степен Целзиусов. При одредени атмосферски услови на доволно топло време, кога не е потребно никакво греење, се прекинува испораката на топлинска енергија во периодите на високи надворешни температури, а веднаш по намалувањето на надворешните температури под определените вредности, греењето повторно се вклучува. При испораката на топлинска енергија се обезбдува оптимална потрошувачкa на топлинска енергија со минимални трошоци за греење на корисниците, истакнуваат од БЕГ.
Информираат дека годинава споредено со минатата година бројот на нови потрошувачи е зголемен, а трендот на повторно приклучување се должи на високиот комфор што го добиваат потрошувачите за најдобра цена, согласно сите еколошки стандарди.
Како резултат на континуираната модернизација на системот за централно греење, квалитетот на услугата е значително подобрена.
Потрошувачите имаат и дополнителна поддршка преку услугата „Мој Сервис“. Стручните екипи на „Мој Сервис“ досега направиле преку 4.000 интервенции. Најчести интервенции се приклучувања кон системот за централно греење, замена на грејни тела, интервенција на вертикалната инсталација во зградите, интервенција во ормарче, прочистување и увид во внатрешната инсталација итн., наведуваат од БЕГ.
За сите детали за испораката на топлинска енергија, потрошувачите може да се информираат на веб-страницата www.beg-snabduvanje.com.mk (Мрежни правила за дистрибуција на топлинска енергија Прилог 3), или да се обратат до Центарот за грижа за потрошувачи на телефонскиот број 02 3076 200 и на 075 400 100 или преку е-пошта на: contact@beg-snabduvanje.com.mk .