Од „велешаните“ се фасцинирав – Македонците ми се поевтини да ги ангажирам за моите веб-сајтови, а всушност не правам ништо лошо, вели за „Њујорк тајмс“ Кен Ла Корт, поранешен директор во американската телевизиска мрежа „Фокс“, кој сега има некои веб-сајтови со, како што тој го нарекува тоа „хиперполитика“ и на кои му работат млади луѓе од Македонија оти „се поевтини од тие на Западниот Брег“ на САД.
Ла Корт е работодавач на млади Македонци од Велес, кои работат на неговите многу веб-сајтови со „вести“ и теории на заговор, чија единствена цел се кликовите, посетите на вестите. Но, работите се многу полоши, вели новинарката на „Њујорк тајмс“ во својата приказна.
Ла Корт, според истражувањето на весникот и на „Нисос“, безбедносна компанија од сојузната држава Вирџинија, стои зад сајтовите „Conservative Edition News“ и „Liberal Edition News“ коишто според името се сушта спротивност еден на друг.
„Веб-сајтовите се дело на Кен Ла Корт, поранешен директор на „Фокс њуз“ којшто беше обвинет дека ја заташка приказна за секс-аферата со претседателот Трамп со Сторми Дениелс, порно актерка, пред изборите во 2016 година“.
Фирмата е регистрирана во областа Сан Франциско, а човекот зад неа во интервју признал дека „хиперпартиските сајтови што ги води со учество на млади Македонци и уредници од САД“ имаат цел да насочуваат сообраќај кон неговиот приоритетен проект LaCorte News, централно десничарски веб-сајт што тој го нарекува „дигитален стартап за вести чија цел е да се врати довербата во медиумите“.
– Сакав да најдам средишна позиција. За белја, работата што најдобро функционира сега е хиперактивната политика. Од една страна, тоа е спротивно на она што би сакал да го прават. Но може да бидеш поуспешен со кликбејт шемата – вели тој за „Њујорк тајмс“.
И не му оди лошо! Сега тој има три милиони следбеници на социјалните мрежи и 30 милиони поединечни посетители на неговите веб-сајтови и самиот се чуди на успехот.
„Намерно или не, неговите сајтови го имитираат мешањето на Кремљ во изборите во 2016 година, кога руски оперативци користејќи измислени прифили сакаа да спотнат раздор во САД околу Бенгази, граничната контрола, правото на носење оружје и правата на Афроамериканците.
Откако во ноември 2016 година го отпуштиле од „Фокс њуз“, Ла Корт собрал еден милион долари – дел свои пари, а дел позајмици од роднини, и после почетните перипетии утврдил дека му е наједноставно да ангажира млади луѓе од Велес што ќе му пишуваат за сајтовите. За две години, нивните содржини биле уредувани од уредници од САД, и, како што вели поранешниот директор, од 15-тина содржини што се објавуваат на неговите веб-сајтови секој ден „бев засрамен само од четири“.