Оваа година на 11 февруари Музејот на современата уметност – Скопје бележи 60 години од основањето. Со цел одбележување на овој настан и како најава за програмските активности во јубилејната 2024 година, Музејот организира дневен настан – матине – на 10 февруари, сабота, со почеток во 12 часот.
На овој значаен јубилеен ден, ексклузивно, по 35 години, ќе биде изложено уметничкото дело „Доблест во нужност“ на познатиот италијански уметник Џанфранко Барукело (1924 – 2023).
По катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, уметниците од целиот свет во знак на солидарност започнуваат да подаруваат свои уметнички творби од кои се создава уникатната колекција на Музејот. Делото на Барукело, кое е едно од најрепрезентативните донации на нашиот Музеј, е конзервирано од стручниот тим на МСУ – Скопје и ќе биде претставено пред јавноста овозможувајќи нови согледби и толкувања.
На јубилејниот настан ќе биде претставен и најновиот број на списанието за современа уметност, култура и теорија „Големото стакло“ бр. 35/36 (2023), насочено кон актуелните дебати во критичката музеологија.
По формалното обраќање, програмскиот дел за настанот вклучува стручно водење низ тековните поставки со нашиот кустос водич Бојана Јанева и симболичен коктел придружен со диџеј сет, во неформална атмосфера.