Одбележување 80-годинината од формирањето на Народниот театар – Битола

Сподели

Со изведба на претставата „Ѓоре Магаревски 80 години потоа“ во режија на тројца режисери од НТБ – Благој Мицевски, Софија Ристевска Петрушева, Јован Ристовски – вечер (14.11.2024 г.) на големата сцена „Благој Стефановски-Баге“ во Битола ќе биде одбележан јубилејот 80 години од формирањето на битолскиот Народен театар.

Во рамките на одбележувањето на јубилејот ќе биде отворена и изложба на театарски плакат, постери и каталози креирана од Христо Бојаџиев и Владо Ѓорески, посветена на претставите на Народниот театар од Битола, а ќе биде изложен и печатачот со кој во минатото се печателе промотивните театарски материјали.

Во архивата на Театарот е забележано дека на 14 ноември 1944 година во Битола е изведена првата претстава на македонски јазик, едночинката „Ѓоре Магаревски“ или „Петтоимениот Ѓоре“ од Владо Малески, во режија на Димче Стефановски, а веднаш потоа е формирано првото театарски јадро со Јорго Цаца, Вера Вучкова, Димче Стефановски, Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски, Славче Матевски, Георги Карев и Јован Бејко.