Одговорноста за последиците од „природниот феномен“ – МИРОСЛАВ ГРЧЕВ

Сподели

grcev-610x400

Во својата зрела возраст, кога сакаше да ме омекне и развесели, мајка ми евоцираше спомени за моите клептомански нагони што ги покажував во најраното детство, некаде зад недогледот на моите сеќавања, на возраст од две, три години. Лоповскиот нагон кон мали, непотребни, но светликави дребулии, најмногу се пројавувал кога мајка ми одела со мене на гости. Поради трогателната провидност на детските мозочиња, таа – како и сите мајки – со сигурност знаела дека во моето талкање по пријателските домови, додека ги истражував објектите што ми биле на нивото на очи – пепелници и други садови каде што луѓето одлагаа неупотребливи метални ситници, дека нема да можам да му устојам на нагонот да зграпчам некој отпадок, зрно расипана монистра или што и да е што има метален одблесок. Сцената – што мајка ми ја раскажуваше со прекини за смеа – се одигруваше на одење од гостите, на чекор пред излезот, кога таа ќе се завртела, ќе ја испружела раката со отворена дланка кон мене и ќе ми речела: „А, сега, дај ми го тоа што го зема, убаво да им го вратиме на домаќините“. А, јас, секогаш одново изненаден и вџашен, стискајќи ја дребулијата во дланка и криејќи ја раката зад грб, ќе ја наведнев главата – сета свруќена и заруменета, и тврдоглаво ќе го одрекував учеството во кражбата: „Ама, јас НЕ ГО ЗЕМАВ ТОА!“ Ха-ха, како и денес да ме лази некаква сенка од сеќавање на моето тогашно чувство на соголеност и проѕирност, и гневното вчудовидување: како, по ѓаволите, таа гледа низ мене и низ мојата рака?!?

Оваа патетична наивност, слепа егоцентричност и социјална неартикулираност кај децата е нормална фаза во нивниот ран развој и претставува скапоцен податок што на науката ѝ овозможува да ги реконструира психолошките фундаменти врз кои функционира личноста. Но, кога типично детската реакција на одбивање секаква одговорност (и кога се фатени со украденото в раце, да одрекуваат – не сум јас!) ќе ја манифестираат возрасни луѓе, тоа е симптом за инфантилност, за патолошки егоизам, недостаток на социјална интелигенција и емпатија, што психолозите го нарекуваат нарцисоидно пореметување на личноста. Несоодветната реакција на сложените социјални ситуации, а особено на трагедии и катастрофи, веднаш ги одвојува и ги обележува овие болни. Недостатокот на емпатија и сочувство, лошо глумените гестови на солидарност и предоминантната грижа за сопствената полза во контекст на масовната несреќа, се манифестации на ова сериозно пореметување на личноста. Поројната катастрофа што минатата сабота го погоди Скопје и околните села, (по којзнае кој пат) болно покажа дека македонската држава е киднапирана од психопати со инфантилно и нарцисоидно пореметување на личноста, чијашто прва реакција на природната непогода што одзеде непропорционално многу човечки животи, беше тапото и до заглушување упорно повторување дека се случил „природен феномен“ (кои кретени: санќим досега мислевме дека дождот е артефакт!?), дека тоа невреме од среден интензитет била „божја казна“, „катастрофа од невидени размери“, дека „на такво невреме не постои град што нема вака да настрада“, дека паднала „водена бомба што се случува еднаш на 1.000 години“ и што сè не. Сите овие детски презголемувања, лаги и проѕирни снаоѓалици беа слеани во еден единствен здружен крик на државните функционери што се најодговорни за прекумерните последици од поројното невреме; крик што има само една порака – дека тие не се одговорни за ништо, а најмалку за несфатливо големиот број на жртви и огромната материјална штета. Инсистирањето на библиските размери на потопот што нè снајде, потоа, презголемувањето на факторот на „вишата сила“, иљадугодишната неверојатност вакво нешто да се случи и, конечно, повикувањето на Госпот Бок за одговорен за катастрофата (по командна линија, веројатно), е само нарцисоиден нагон на овие тешко заболени луѓе да ги убедат жртвите и целото останато население на библиската земја дека исправени пред таков „природен феномен“, пред досега невиден библиски Армагедон, тие – како впрочем и никој од мајка роден – не можеле ништо да направат. Одговорност: нула. А, откога ја помножија својата одговорност со нула, оваа банда на разбојници и инфантилни деликвенти продолжија да го прават единственото што им пишува во прирачниците за однесувањето во природни катастрофи наменети за политичари-тупаци, а тоа е да се појават на лице место и со своето присуство и камерите што ги придружуваат, да ја искористат туѓата несреќа (за која се лично одговорни) во предизборни цели, за сопствена политичка самопромоција.

Текстот во целост прочитајте го тука

Објавено во Плусинфо