Судењето за предметот на СЈО „Насилство во Центар“ денеска е одложено за 27. декември, поради тоа што не биле обезбедени услови за снимање на рочиштето.
Апелацискиот суд ја прифати жалбата на СЈО во доказната постапка да може да се користат снимките од прислушуваните разговори, а на претходните рочишта вина за настаните признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски.
Судењата за „Траекторија“ и за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 се политички монтирани случаи заради остварување политичка цел, изјави денеска Никола Груевски, откако во Основен суд Скопје 1 се одржаа кратки рочишта од двете судења.
Груевски во врска со рочиштето за „Траекторија рече дека „исклучително интересен и фрапантен момент“ е делот од излагањето на обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, дека аудио снимките од прислушуваните разговори, односно „бомбите“ може да бидат манипулирани и контаминирани со уфрлање на делови, доколку и бидат дадени на одбраната, и како што рече Груевски тоа ги потврдува претходно искажаните ставови од него и од ВМРО-ДПМНЕ во врска со веродостојноста на бомбите.