Одлука за прецизирање за прехранбените производи со најниска стапка на ДДВ

Сподели

 

Владата донесе Одлука за изменување на Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност.

Одлуката, предложена од Министерството за финансии, е во насока на допрецизирања околу примената на повластена стапка од 5% и за подршка на домашната економија и заштита на стандардот на граѓаните.

Согласно одлуката, со повластената стапка на ДДВ од 5% се даночат најголем дел од основните прехранбени производи. Меѓу нив се и производите како урдата, замрзнато тесто, бебешки каши и адаптирано млеко за доенчиња, одредени видови кашкавали како растителниот кашкавал, лутеница, хербални чаеви, бибер, црвен пипер, вафли и наполитанки, конзервирано цвекло, феферони, што со одлуката се прецизира дека се оданочуваат со повластената стапка на ДДВ од 5%.

На седницата е потенцирано дека целата човечка исхрана се оданочува со повластена стапка на ДДВ, а најголем дел од човечката исхрана се оданочува со најниска повластена стапка од 5%.

Денешната владина одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а е предвидено да се применува од 13 октомври 2023 година.