Вo македонскиот Културно-информативен центар во Загреб во саботата беше отворена изложбата „Вечер на македонскиот пејзаж во Загреб“ на реномираниот македонски ликовен уметник Владимир Темков, а се одржа и концерт на македонска музика на „Клавирско трио“ (обоа, фагот и клавир) составено од тројца етаблирани музички уметници: Татијана Петрушевска, Марјан Милошевски и Петар Макариевски.
На концертот беа изведени дела од македонски композитори, а беше претставено македонското музичко творештво со неговата различност на формата, карактерот и музичката мисла.
Изложбата на академскиот сликар Владимир Темков ја отвори директорката на македонскиот КИЦ, м-р Мими Ѓоргоска Илиевска, која, меѓу другото, истакна: „Во своите слики Темков создава своја креативна, естетска приказна, која во многу нешта наликува на сложен мисловен и идеен ребус.
Но умешноста на Темков е во тоа што тој преку својата концептуална поставеност на линијата, формата и бојата успева да ни ги понуди можните одговори на тие ребуси, но, како што доликува на секој голем сликар, никогаш да не ни го наметнува единствениот ограничувачки одговор. Токму тука лежи главната поента во сликарството на Темков – пред гледачот да ги отвори портите на можни визуелни решенија на ликовно зададениот проблем, но никогаш да не преферира само едно решение“.