Одземај зборови некастрени и груби – Симун ЛЕШОСКИ

Сподели

Собирај писма, да ти бидат трамвај за назад,
и драги насмевки, ќе си ги пушташ штом ги нема.
Собирај рамена кога не си сигурен, или веѓи, ако некој прекардаши за нешто!

Одземај зборови некастрени и груби, и безмерен товар на кревко ждребе,
одземај болест од босо сираче,
и срам од лузни, белези ил’ пелтечење!

Подели Сонца на стари сојници,
и парки неба над невини робијаши,
подели ново име на сите празници, да не се тоа – туку полници!

Помножи ѕвезди над росни падини, зинати очи над родни градини,
помножи искри во стари тланици,
само за назад отпретај граници!

Собирај,
Одземај,
Подели,
Помножи – кога ќе пресметаш, еднакво е на живот!