Охрид би можел да се најде на црната листа на загрозени подрачја под заштита на УНЕСКО

Сподели

Мисијата на УНЕСКО од денеска почна да ги чешла владините проекти со кои се предвидува да се градат објекти во охридскиот регион, а за кои уште во јуни минатата година беа упатени сериозни забелешки од страна на оваа меѓународна организација. Според експертите, поради владините проекти Охрид би можел да се најде на црната листа на загрозени подрачја под заштита на УНЕСКО, што е само еден чекор до губење на овој статус. Спорните планови се изградба на експресниот пат до Свети Наум, кој би поминувал низ Националниот парк Галичица, трите туристички развојни зони, како и ски центарот на планината, пренесува Алсат-М.

„Барем за проектите кои се преку Националниот парк Галичица до сега е запазена целата законска постапка.Сите оние забелешки кои ќе бидат доставени од страна на мониторинг мисијата ќе бидат внесени во планот за управување. Добар дел од проектите нудат просперитет за Охрид, економски и туристички развој“. – изјави Зоран Вељаноски, директор на НП Галичица.

Вељановски не сакаше да каже кои се забелешките на претставниците на УНЕСКО, кои пак рекоа дека во моментов не можат да даваат изјави. Од Невладината организација Фронт 21/42, велат дека во јули годинава комитетот на УНЕСКО треба да одлучи дали ќе го стави Охрид на листата на загрозени подрачја или не. Од таму велат дека УНЕСКО препорачува дека можат да се направат алтернативи на овие проекти, со можност да се реализираат надвор од заштитените подрачја на Галичица и на езерото. УНЕСКО во Охрид ќе направи обиколка и на стариот дел на градот кое е споменик на културата заштитен со Закон. Ова доаѓа во време кога и албанскиот дел на Охридското езеро започна процедура за заштита под УНЕСКО.