Охрид со нови два центри за аутизам за возрасни и деца

Сподели

 

Во Охрид ќе биде отворен првиот од двата најавени центри за рехабилитација, едукација и сензорна интеграција, наменети за ран третман на лица со аутизам, АДХД и аспергеров синдром.

Првиот од центрите, којшто ќе биде наменет за повозрасни лица, ќе се наоѓа во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ и ќе биде отворен на 8 ноември. Вториот центар е предвидено да биде наменет за деца на возраст од 2 до 8 години и ќе се наоѓа во охридската Општа болница.

Носител на овој проект е Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и аспергеров синдром „Во мојот свет“, а се реализира со поддршка на Министерството на здравство, кое ги отстапува просториите за користење во рамки на Општата болница во Охрид и Болницата Св. Еразмо.

Реконструкцијата и опремувањето на двата центри за аутизам во Охрид е финансирано од страна на Амбасадите на Република Бугарија и на Република Чешка во Скопје.

“Центрите располагаат со канцеларија, соодветно прилагодени тоалети за вработените и корисниците, кујна, дефектолошки и логопедски кабинети кои се опремени со разновидни дидактички материјали кои се соодветни за потребите на децата, сензомоторна и мултисензорна соба. Сензорната соба располага со соодветна опрема која помага во стимулирањето на основните сетила кај детето. Опремата ја контролира терапевтот на тој начин што ги одредува стимулациите за секое сетило со помош на прилагодена индивидуална програма. Сензорната соба е опремена со меки ѕидни и подни душеци, перници, разновидни лулашки, топки со различна големина, тегчиња, справи за качување и симнување, тактилни подлоги, трамболина, тобогани, базен со топчиња кои помагаат за стимулирање на повеќе подрачја: тактилни, аудитивни и визуелни способности. Мултисензорната соба е наменета за децата да се чувствуваат сигурно и опуштено во своето опкружување и да ги поттикне на интеракција со околината, за таа цел се применуваат разновидни бои, мириси, вибрациии, звукови, туби кои се исполнети со вода низ кои се движат меурчиња и топчиња во разновидни бои и придонесуваат за воспоставување на визуелен контакт со детето, светлечки оптички влакна, масажери, ќебе со тежина, светлосни пројектори на ѕидовите, ротациска диско топка, огледала со фолија кои ги појчуваат ефектите на останатата опрема” – соопштија за Охрид њуз „Во мојот свет“.