Охрид SOS: Владата веднаш да го објави извештајот за охридскиот регион доставен до УНЕСКО

Сподели

Активистите од граѓанската иницијатива Охрид SOS реагираат на тоа дека јавноста уште нема увид во извештајот кој македонската Влада, со задоцнување од 15 дена, го испрати до УНЕСКО, во кој се наведува дека е отстранета опасноста охридскиот регион да го изгуби статусот Светско наследство на УНЕСКО. Истовремено од иницијативата посочуваат и дека јавноста не била навремено информирана ни за основањето на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион.

Соопштението во продолжение ви го пренесуваме во целост:

„Минатата седмица Владата на Република Македонија објави дека „е отстранета опасноста охридскиот регион да го загуби статусот на Светско наследство на УНЕСКО“ што следеше по 54-та седница од 13 февруари 2018 г. на која Владата го усвои Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките на УНЕСКО.

Овој извештај македонската влада имаше рок да го достави до 1 февруари 2018 г., а беше побаран уште на 40-та сесија на Комитетот за светско наследство одржана во Истанбул, Турција во јули 2016 г. Потребата од ваков извештај се должеше на сè поголемата опасност предложените урбанистички проекти да придонесат за неповратно уништување на извонредните универзални вредности на регионот – Охрид и Охридското Езеро за првпат се соочија со можноста да бидат ставени на Листата на светско наследство во опасност. Како резултат на таа опасност следеше посетата на Реактивната мониторинг мисија во април 2017 г. од која произлезе и Извештај чии препораки беа усвоени на 41-та сесија на Комитетот за светско наследство одржана во Краков, Полска во јуни 2017 г.

Во нормални услови, со ваквата изјава на Владата би требало да сме повеќе од задоволни. Но, не сме, а за тоа има повеќе причини.

Најпрвин, јавноста сè уште не го видела овој јавен документ во кој треба да се образложи конкретно кои мерки кои го гарантираат статусот на УНЕСКО се преземени.

Второ, и покрај ваквата изјава, шестата препорака со рок до 1 февруари 2018 г. од Извештајот на Реактивната мисија во која се бара прогласување мораториум на сите градежни модификации на крајбрежјето и урбаното подрачје во рамките на Светското наследство, јасно е дека не е имплементирана иако се смета за критично важен чекор кој треба да се преземе. Според најновиот Извештај (World Heritage Outlook for Lake Ohrid) од ноември 2017 г. на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN) – неконтролираната и нелегалната урбанизација на крајбрежјето е една од најсериозните закани за Охридското Езеро.

Трето, неколку од заканите кои во моментов сериозно го деградираат единственото македонско Светско културно и природно наследство, како што се: катастрофалната состојба на колекторскиот ситем, огромниот внес на фосфор од реката Сатеска во Езерото, прекумерниот риболов и загубата на блатните екосистеми, се резултат на долгогодишни пропусти на системот и негрижа за богатството на регионот. Тие едноставно не може да се решат преку ноќ.

И последно, Владата на Република Македонија нема ингеренции да одлучува за статусот на доброто, односно дали тоа ќе биде или нема да биде впишано на Листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО. Таа одлука треба да ја донесе Комитетот за светско наследство врз основа на активностите преземени на терен во текот на претстојните месеци и години, не само врз основа на еден извештај кој сè уште јавноста не може да го види.

Трајното зачувување на Светското природно и културно наследство на охридскиот регион е сложен процес. Тој не се состои само од откажување од планирани патишта, ресорти и други мегапроекти. Тоа е долготраен процес кој ќе биде единствено возможен во средина на транспарентност, отвореност, искреност и отчетност кои мора да се изградат на сите нивоа на владеењето, во култура која препознава дека благосостојбата на луѓето е единствено возможна со третирање на луѓето и природата во симбиоза. Во спротивно, како воопшто би можеле да бидеме сигурни дека делувањето на носителите на одлуки, сега како и во иднина, е навистина за доброто и на луѓето и на природата истовремено? Како би можеле да бидеме сигурни дека зборовите соодветствуваат со делата и дека нема да биде предоцна нештата да се поправат?

Владата имаше рок до 1 февруари 2018 г. да го достави Извештајот за постигнатиот напредок до Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, што не беше сторено. Наместо тоа, на овој ден се формираше Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион, за која повторно јавноста и засегнатите страни од граѓанскиот сектор немаа никаква информација сè до денот на нејзиното формирање, а постапката и изборот на членови, како и секогаш, се спроведуваа нетранспарентно.

Извештајот за постигнатиот напредок кој беше усвоен од Владата на 13 февруари 2018 г. е веќе објавен на страницата на УНЕСКО на англиски јазик. Македонската јавност, десет дена подоцна, сè уште нема увид во содржината на истиот на македонски јазик и се добива впечаток дека граѓаните се и понатаму оневозможени да бидат навремено информирани и да имаат непосреден увид во случувањата со единственото Светско наследство во Македонија. Апелираме Извештајот веднаш да биде јавно објавен на македонски јазик, а Владата во иднина да не си дозволува пропусти од овој тип. Оваа Влада ветуваше поинаков пристап, односно пристап кој му прилега на едно современо демократско општество. Најмалку што очекуваме е да се исполни ветеното, а не, како и секогаш, по доаѓањето на власт да останат само празните зборови од партиските говорници. Македонската јавност повеќе нема ни трпение ни толеранција за партиска демагогија.“

radiomof.mk