Охридскиот Регион останува на листата на УНЕСКО

Сподели

 

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, присуствува на 45-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што се одржува во Ријад, Кралство Саудиска Арабија, на која вчера беше соопштена Одлуката на Комитетот дека Охридскиот Регион, со својата исклучителна универзална вредност, останува на листата на светско наследство. Во македонската делегација во Ријад се и министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Филип Тосевски, како и директорот на Управата за заштита на културното наследство, Зоран Павлов.

 

 

Костадиновска-Стојчевска, вчера во своето обраќање за време на сесијата на Комитетот, искажа благодарност што Комитетот ги уважи заедничките напори на Република Северна Македонија и Република Албанија, со која ги споделуваме природните убавини на овој уникатен регион, но еднакво и одговорноста за Охридското Езеро и богатото културно наследство за зачувување на престижниот статус на светско наследство.

„УНЕСКО е драгоцен пријател и на Охридскиот Регион. А во времето што доаѓа, секое пријателство е како бисер. Таков каков што е нашиот Охридски Регион“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа нагласи дека експертските тимови на двете држави го изготвија Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион со Акциски план, а, како што рече, тоа е значаен чекор во детектирањето и справувањето со факторите кои имаат негативно влијание врз вредностите на Регионот, што е позитивно оценето и од страна на Комитетот за светско наследство и нотирано и во Одлуката од сесијата на Комитетот во Ријад.

Министерката за култура додаде дека од нашата натамошна засилена соработка со Република Албанија ќе зависи имплементацијата на посочените мерки за рехабилитација на Регионот. Но, нагласи дека останува добар дел од препораките на реактивните мониторинг мисии и на советодавните мисии што треба заеднички да ги сработат двете страни. Тоа ги потврдува, како што рече, нашите искрени намери и подготвеност за работа и за интензивна соработка.

„Останува престижниот статус, но остануваат и препораките за негово зачувување. Препораките не се лесни и нивното реализирање бара наше целосно внимание. За да постигнеме успех во тоа, неопходно е секој да го понесе својот дел од обврските – и централната власт и локалната самоуправа и установите и граѓаните. Впрочем, обврските се точно адресирани. Многу работи од препораките ги имаме почнато, но останува нивната целосна реализација. Треба постојано да го имаме предвид фактот дека нашето непостапување по препораките ќе биде причина за впишување на Охридскиот Регион на листата на Светско наследство во опасност“ – нагласи  Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура упати благодарност до земјите членки на Комитетот за светско наследство што ги препознаа, ги уважија и ги валоризираа нашите напори, како и до сите вклучени во процесот на зачувување на статусот на Охридскиот Регион –  членовите на работните групи, експертите, министерствата, општините, граѓанскиот сектор – за професионалната и искрена соработка во изминатата година и пол.

„Важноста на Охридскиот Регион е немерлива и трајна. Затоа, наша должност е да не го загрозуваме нашиот Охридски Регион, Регионот кој светот го препозна и ја верификува неговата уникатност, едно од 39-те мешовити добра во целиот свет, односно 43-те прекугранични добра. Ја споделуваме загриженоста за климатските промени во светот како сериозна закана и врз нашето природно и културно наследство. Апокалиптичните слики од пожарите и поплавите мора да ги толкуваме како последна опомена за човековата негрижа кон својот единствен дом – оваа планета“ – истакна Костадиновска-Стојчевска на 45. сесија на Комитетот во Ријад.  

Осврнувајќи се на неодамнешната изјава на генералниот секретар на Обединетите нации, Гутереш, кој предупреди дека по извештаите на Светската метеоролошка организација, „Климатскиот колапс започна“. Климатолозите се категорични дека со ова ниво на глобално затоплување, светот е пред хаос и дека е „време да се каже вистината“. Затоа, предизвиците на 21 век, како никогаш досега, ги будат нашата одговорност и нашата солидарност.

Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, изрази благодарност што Комитетот ги призна напорите направени од Северна Македонија и затоа ни го обезбеди потребното време да продолжиме да правиме значајни чекори кон заштитата, зачувувањето и одржливото управување со Охридскиот Регион.

„Работејќи заедно со Република Албанија, ние сме решени да го направиме управувањето со овој регион пример за соработка, да ги обезбедиме интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион и да го пренесеме на следните генерации. Заштитата на природата и на биодиверзитетот остануваат наша цел, како што е донесувањето Закон за прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категорија IV – Парк на природата и нов Закон за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје во категорија III – Споменик на природата“, нагласи во Ријад министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.