ОЈО делото за смртта на Саздовски го преиначи од „насилство“ во „убиство на свиреп начин“

Сподели

Основното јавно обвинителство за смртта на младиот Никола Саздовски – Саздо тројцата осомничени лица ќе ги гони за кривичното дело „убиство на свиреп начин“, дело кое досега пред преквалификацијата се водеше како „насилство“.

Од ОЈО информираат дека ваквата одлука на јавниот обвинител следи откако во текот на истражната постапка биле обезбедени вербални и материјални докази, односно биле испитани повеќе сведоци, бил прибавен обдукцискиот протокол од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, а особено по изготвеното судско-медицинско вештачење извршено по наредба на јавен обвинител од страна на истиот институт.

„Ова вештачење беше доставено во обвинителството на 16 јули 2018 година и од него неспорно произлегува динамиката на кривично-правниот настан во смисла на видот и карактерот на здобиените повреди кај лицето Н.С., а се утврдува и причинско-последичната врска на нанесените повреди и нивното влијание на смртниот исход. Одлуката за преквалификација на кривичното дело можеше да се донесе само откако јавното обвинителство ги обезбеди сите релевантни докази, меѓу кои и судско медицинското вештачење, и откако ги утврди фактите кои произлегуваат од тие докази“, велат од Обвинителство.

За третиот осомничен кој се уште е недостапен ќе биде распишана домашна и меѓународна потерница.

Надлежниот јавен обвинител, додаваат од ОЈО, во текот на истражната постапка продолжува да презема и други истражни дејствија, меѓу кои ќе издаде и наредба за медицинско психијатриско вештачење на двајцата осомничени.

meta.mk