ОЈО издаде налог од 2.500 евра глоба за одење до маркет во полицискиот час

Сподели

 

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Предлог за издавање казнен налог против еден обвинет за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетото лице, на 17 март, при влез на граничниот премин Табановце, потпишал изјава дека ќе се самоизолира во период од 14 дена, бидејќи претходно престојувал во Словенија како ризична земја за ширење на заразната болест COVID-19. Но, тој не постапил според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за сузбивање и спречување на болеста, па на 25 март излегол од својот дом и бил во маркет.

Јавниот обвинител му предложи на Судот на обвинетиот да му изрече парична казна од 100 дневни глоби, а вредноста на една дневна глоба да биде одредена на 25 евра во денарска противвредност.

За кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе и Барање за поведување подготвителна постапка за двајца малолетници, на возраст од 15 и 14 години.

Тие на 30 март, спротивно на Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија,  биле затекнати како се движат во близина на Железничката станица во Скопје за време на полицискиот час.