ОЈО: Српски државјани ја користат туристичката сезона за шверц на мигранти

Сподели

kriumcarenje-migranti-27.12.2014

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отворило истражна постапка против српски државјанин кој вчера бил фатен како превезува мигранти, од кои седум биле деца, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Осомничениот, според информациите од Обвинителството, со уште едно, засега непознато лице, од подрачјето на Гевгелија прифатиле и кон Куманово превезувале неутврден број на мигранти. Полицијата во возилото на српскиот државјанин пронашла 11 мигранти, од кои седум биле деца.

Судија на претходна постапка, по предлог од јавен обвинител, на осомничениот српски државјанин му одредил притвор од 30 дена.

Од Обвинителството велат дека новина во случаите со криумчарење на мигранти е појавата на српски државајни како извршители на ова кривично дело. Тие, според Обвинителството го користат екот на туристичката сезона и транзитот на голем број на туристи од Србија кон Грција за да ги прикријат своите криминални активности.

„Тие како туристи легално влегуваат во Република Македонија и се движат со возила со странски регистарски ознаки по овој коридор, што во обратна насока е позната рута по која се движат мигрантите. Кај досегашните криминални групи што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи во голема мера ги десеткуваа, како што е предметот „Којот“, кај непосредните извршители подолг период наназад не се пронаоѓаа и запленуваа парични средства, бидејќи плаќањето се извршуваше преку организатори и посредници. Дека станува збор за нова појава говори фактот што во новиот облик кај извршителите од Србија наплатата на криминалниот приход е непосредно од мигрантите. Во вчерашниот случај кај сторителот се пронајдени и одземени 1.700 евра за кои основано се сомнева дека потекнуваат од предметното и претходно извршени кривични дела на криумчарење мигранти“, стои во соопштението од Јавното Обвинителство.

Оттаму додаваат дека истрагата треба да утврди дали пронајдените пари кај осомничениот се криминален приход или се од легално потекло, а Министерството за внатрешни работи презема мерки за откривање и на вториот извршител.