Обединетата македонска дијаспора (ОМД), глобална организација на Mакедонците во дијаспората, изрази благодарност кон Конгресната група на пријатели на Македонија и на македонската дијаспора во САД за испратеното писмо до државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, да ја посети Македонија, што би го зајакнало стратешкото партнерство помеѓу САД и Македонија.
Посетата на државниот секретар Тилерсон би била прва негова посета на Македонија и прва посета од страна на државен секретар на САД од 2003 година, кога земјава ја посети тогашниот државен секретар Колин Пауел, појаснува ОМД.
Писмото до државниот секретар Тилерсон собра 32 потписи од членови на Конгресот од 16 различни сојузни држави во САД, односно од четири члена на Комисијата за воени услуги и од девет члена на Комисијата за надворешни работи при Претставничкиот дом. Потписници се и претседавачот и членови на поткомисијата за Европа, односно вкупно 14 републиканци и 18 демократи.
„Ваквиот двопартиски карактер на писмото ја потврди униформната важност да се одржи врската помеѓу САД и Македонија. Ова писмо претставува кулминација на речиси двомесечната кампања која почна за време на четвртата македонско-американска конференција за лидерство организирана од ОМД, кога учесниците на конференцијата ја истакнаа важноста од евентуална посета на Тилерсон пред некои од горенаведените конгресмени. Заедно со претставници на подмладокот на ОМД, беа одржани повеќе од 250 едукативни средби во американскиот Конгрес“, појаснува ОМД и изразува оптимизам дека ова е вистински момент да се реафирмира силата и одржливоста на односите помеѓу САД и Република Македонија.
„Во рамките на развивањето на политиката на вашата администрација кон Европа, се надеваме дека ќе го сфатите унапредувањето на односите на САД со Македонија како потег што е во целосен склад со интересите на САД, знаејќи дека обете земји се стремат кон побезбеден и послободен свет. Воедно, остануваме подготвени да ви помогнеме во вашите напори за активно промовирање на билатералните односи“, се вели, меѓу другото, во писмото од 32-та конгресмени.