Петчлената комисија составена од тројца советници од Општина Карпош и два претставника од општинската администрација, со вкупно освоени 97 бода го прогласи ООУ „Лазо Трповски“ за училиште со најдобро уреден еко-двор за учебната 2022/2023 година. Второто место со 93 бода му припадна на основното училиште „Петар Поп Арсов“. За својот труд и ангажман, Општина Карпош го награди прворангираното училиште со еднократен финансиски надоместок од 70.000 денари, додека пак, второпласираното училиште доби награда во висина од 50.000 денари.
Инаку, станува збор за реализирање на дел од Програмата за активностите во областа на образованието за 2023 година, за која локалната самоуправа распиша Јавен оглас за сите десет основни училишта на своја територија, притоа наведувајќи ги општите услови за учество, како и критериумите за доделување награди за најдобро уреден еко-училишен двор. Уредувањето на училишните дворови во чии рамки се вклопија и еколошките содржини, требаше да поттикне креативност кај основците, родителите и наставниците, што од друга страна кај нив овозможи зголемување на еколошката свест и грижа за животната средина. Во текот на еколошките активности беа користени и рециклирани материјали, а на тој начин учесниците добија поголем мотив за одржување и грижа на училишните дворови.
За своето учество останатите основни училишта добија пофалници, а двете најдобро рангирани добија парични награди и дипломи за најдобро уреден еко-училишен двор, кои денеска во просториите на ООУ „Лазо Трповски“ им ги врачи градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.