Екипи на ЈП „Градски паркинг“ спроведоа надзор и ослободија 36 паркинг места кои биле резервирани за непознати привилегирани корисници во катната гаража „Беко”, информираат од Град Скопје.
Спроведена по насока на в.д директорот на ЈП „Градски паркинг“, Бојан Христовски, надзорот има за цел да се ослободат повеќе паркинг места што ќе може да ги користат граѓаните.
Од јавното претпријатие информираат дека во катната гаража „Беко“, на катот -1, подолг временски период биле паркирани службени возила кои не се користеле и непотребно зафаќале 12 означени паркинг места. Имало и 24 паркинг места кои до сега од непознати причини биле резервирани за непознати привилегирани корисници, а паркирање на тие места за граѓаните не било дозволено. Со акцијата се ослободени вкупно 36 паркинг места и се ставени во функција на корисниците. Воедно, екипите на претпријатието спроведоа акција на чистење на катот -1 со што целосно е отстранет насобраниот смет.
Катната гаража „Беко“ која е лоцирана на улицата Даме Груев во строгиот центар на градот располага со вкупно 605 паркинг маста, организирани на 2 ката под земја и шест ката над земја. Од вкупниот број паркинг места, 16 се резервирани за лицата со попреченост, а три за родители со мали деца, сите соодветно обележани со хоризонтална сигнализација. Паркинг местата за родители со мали деца се наоѓаат на катот -1, а паркинг местата за лицата со попреченост се соодветно распределени по катови. На катот -1 е поставен електричен полнач за автомобили.
Градот Скопје и ЈП „Градски паркинг“ апелираат до граѓаните да внимаваат со своите возила да не ги узурпираат обележаните паркинг места кои се исклучиво наменети за лицата со попреченост и за родителите со мали деца, за да им се овозможи соодветна пристапност на овие лица, се наведува во денешното соопштение на Град Скопје.