Под мотото „Ослободи ја својата фантазија“, од 27 до 30 септември ќе се одржи второто издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ чија програма годинава е посветена на малите театарски форми.
Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“, а во следните денови публиката ќе може да ужива и во претставите: „Шума од песни“ на Институтот „Кускус“, арт-продукција, од Љубљана, Словенија; „Бременските музиканти“ на Театарот „Бабец“ од Битола; „Ова сум јас“ на Театарот „Поко локо“ од Загреб; „Момчето со куферот“ на Мал театар „Душко Радовиќ; „Пинокио и Црвенкапа во потрага по Аладиновата ламба“ во продукција на Албанскиот театар за деца и младинци; „Среќна куќичка“ на гостите од Градскиот куклен театар од Риека, Хрватска; „Бамби“ на Театарот за деца и младинци од Крагуевац и претставата „ERROR 404“ во изведба на „Ангелес де трапо“ од Малага, Шпанија.
На Фестивалот, покрај „Гран при“, ќе бидат доделени и: награда за најдобра режија, две актерски награди, награда за сценографија, награда за коситмографија и специјална награда. Стручното жири е во состав: режисерот Тин Грабнар од Словенија, претседател, и членовите: актерот Драган Довлев, актуелен претседател на Советот на Фестивалот, и Миливоје Млаѓеновиќ, театролог и поранешен директор на „Стериин театар“. Новитет за оваа година е што ќе биде воведено и детско жири кое ќе има задача да ја оцени и да ја награди најдобрата претстава на Фестивалот по свој избор.
Инаку, годинава Фестивалот „Игор Маџиров“ почнува соработка и со Факултетот за драмски уметности каде што ќе се одржи работилница за куклен театар наменета за студентите и веќе дипломираните актери и режисери, која ќе биде предводена од актерката и режисерка Тамара Кучиновиќ, професорка по куклен театар од Факултетот за драмски уметности во Осиек, Хрватска. Во рамките на Фестивалот ќе има и работилница наменета за деца и наставници, на тема „Куклен театар“, предводена од режисерот Давор Драгојевиќ од Подгорица, Црна Гора.
Претставите на Фестивалот, кој се реализира со поддршка од Министерството за култура, ќе се изведуваат на сцените на: ТДМ, Театар „Комедија“, МНТ, Албански театар за деца и млади.