Османи-Дарчиашвили: ОБСЕ нема да штеди за подобрување на состојбата на луѓето во Грузија

Сподели

 

Во својство на Претседавач со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи денеска во Грузија се сретна со министерот за надворешни работи на земјата, Илиа Дарчиашвили.

На заедничка прес-конференција во Тбилиси, Османи нагласи дека како Претседавач, Северна Македонија се стреми кон мирно, сеопфатно и одржливо решавање на конфликтите што ја засегаат Грузија, алудирајќи на продолжување на адресирањето на овие прашања во рамки на клучните дипломатски канали за дијалог кои се под заедничко раководство на ЕУ, ОБСЕ и ОН.

 

 

„Mеѓународните дијалози во Женева и Механизмот за спречување и одговор на инциденти се витални дипломатски процеси кои мора да останат отворени, не само за да се избегнат понатамошни ескалации, туку и за справување со последиците од конфликтот во Грузија во 2008 година“, рече Османи.

Mеѓународните дијалози во Женева, инаку, е единствената платформа каде што сите релевантни учесници се среќаваат на политичко ниво уште од 2008 година, а кои се фокусираат на безбедносни и хуманитарни прашања. Едно од главните достигнувања на Mеѓународните дијалози во Женева е воспоставувањето на заедничкиот Механизам за спречување и одговор на инциденти, чија цел е смирување на тензиите.

Во тој контекст, а и во насока на пораката на Претседателството „За луѓето се работи“, Османи ја потенцираше својата поддршката на сите прагматични пристапи за мирно решавање на ситуацијата, со цел да се обезбедат вистински резултати токму за луѓето кои се погодени од конфликтите.

„Дозволете ми да бидам јасен, тие тоа го очекуваат од нас. Да им понудиме вистински резултати кои ќе им овозможат да го живеат својот живот во состојба на мир и просперитет“, истакна Османи.

Тој додаде и дека ОБСЕ нема да штеди напори за подобрување на нивната состојба и во соработка со своите партнери ќе продолжи да ја промовира слободата на движење и да покренува суштински хуманитарни прашања, особено за притворените, раселените и исчезнати лица.

Во својата изјава, Претседавачот Османи се осврна и дека ОБСЕ ќе го продолжи својот ангажман за поддршка на раселените жени и млади лица кои се погодени од конфликтот.

„Мора да бараме начини да се засили процесот на помирување“, рече Османи и потврди дека во рамки на своите активности во Грузија ќе оствари и теренски посети со граѓани со цел директно од нив да дознае повеќе за предизвиците со кои се соочуваат.

На крајот на средбата, Османи повтори и дека ОБСЕ ќе продолжи да дава суштинска поддршка во спроведување на заложбите во трите димензии на Организацијата, што пак ќе придонесе и за внатрешните реформски процеси на Грузија.

„Многу години, ОБСЕ и нејзините земји-учеснички како Грузија играа интегрална улога во обезбедувањето стабилност и безбедност на поширокиот регион на ОБСЕ. Затоа, дозволете ми да ве уверам дека мојата цел е како Претседавач со ОБСЕ да ја зајакнам и продлабочам нашата соработка и да промовирам мир и стабилност во овие неизвесни времиња“, заклучи Османи.