Османи: Државата 100% ќе ги покрива придонесите на плата на новинарите и медиумските работници

Сподели

 

Државата стопроцентно ќе ги покрива придонесите на плата на вработените во медиумите и медиумските куќи, телевизиите, радиодифузерите, печатените медиуми, како и електронските интернет портали, информираа денеска на прес-конференција вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски.

Оваа мерка, истакна Османи, Владата ја донела со консултациите со Самостојниот синдикат на новинарите и медиумски работници со цел поддршка за оние кои ја водат битката против пандемијата.

– Веќе подолго време предупредувам дека сме загрозени од лажните вести и наменската пропаганда која најсилно ја чувствуваме токму во справување со предизвиците од пандемијата Ковид 19. Во борбата со лажните вести најпрво е потребно да им се даде поддршка на оние кои ги пренесуваат точните вести. Токму во оваа насока беше иницијативата да обезбедиме поддршка за медиумите за новинарите и медиумските раотници кои рамо до рамо заедно со здравствените работници и припадниците на безбедносние служби, беа и се уште се се на прва линија на одбрана од пандемијата, рече Османи.

Појасни дека времетраењето за кое ќе важи оваа одлука се изедначува со времетраењето на вонредната состојба, а започнува веднаш по нејзиното укинување, а за реализација на мерката, по предлог на ССНМ, одредиле и неколку услови со кои се заштитуваат токму работниците.

Тоа значи, како што истакна Османи, оваа мерка ќе можат да ја искористат токму оние медиуми кои за време на кризата не отпуштиле ниту еден работник поради кризата, а тоа право ќе го немаат и за времетраењето на субвенцијата.

– Оние медиуми кои поради кризата ги намалиле платите и на одредени или сите вработени, за да можат да ја искористат субвенцијата ќе треба да ги вратат платите на нивото од пред почетокот на вонредната состојба, истакна Османи.

И како трето, додаде Османи, бидејќи интересот на Синдикатот се самите вработени новинари и медиумски работници, право на оваа мерка ќе имаат медиумите кои имаат најмалку тројца постојано вработени работници.

Посочи дека овие три услови беа клучните барања на синдикатот што Владата ги прифати, и за кои смета дека ќе обезбедат доволно услови со кои поддршката ќе стигне токму до оние за кои е наменета а тоа се новинарите и медиумските работници.