Хоспитализираните се во стабилна здравствена состојба, надвор од животна опасност. Очекувањата на лекарите е дека првите двајца уште од петок можат да се пуштат во домашно лекување, но се очекува да се направи проценка. Задоволни се од третманот на медицинскиот персонал овде. Во име на Владата се заблагодарив, изјави министерот Бујар Османи.
Според информациите што ги имаме, истрагата е во тек, ја водат надлежните органи на Република Бугарија. Наши претставници има во тие екипи, за да помогнат. Доколку се појави потреба за било каква дополнителна експертиза, имаме можности.
Тука сум да ја олеснам и работата на нашите експерти од Институтот за судска медицина, кои денеска треба да се приклучат во процесот на идентификација на телата. Имавме ситуација, нашите професори не беа вклучени во тимот, вчера преку нота пративме барање за вклучување на нашите професори и чекаме тоа да се случи.
Колку ќе трае идентификацијата, министерот Османи изјави дека тоа не може да се одреди временски.
Тоа се процедури кои треба да се одвиваат индивидуално за секое тело. Институциите на Бугарија треба да не известат дека е завршена идентификацијата, и ние ќе ги известиме семејствата. Идентификацијата на телата може да одземе неколку денови, можеби дури до крајот на неделата, изјави Османи.
Порака до семејствата кои се во Софија:
Тој процес ќе го организира од државата и може да одзема неколку дена, и затоа бараме разбирање да се вратат во Скопје а ние тука ќе продолжиме со организација на сите аспекти за еден достоинствен транспорт на останките во Скопје.
Ќе бидам цел ден во Софија, со цел да ја олеснам комуникацијата помеѓу семејствата и институциите. Меѓутоа и со цел, семејствата да ги добиваат информациите на време. Семејствата чекаат официјална информација за најблиските (потврда за починатите), но ова е прашања што ние не можеме да ги потврдиме, затоа што сепак чекаме одлука на судската медицинска идентификација. Ги објавивме имињата на повредените, со што индиректно да се подразбира дека оние кои не се во болница се дел од загинатите. Сепак се очекува идентификација на телата.