Македонија денеска во седиштето на Европската комисија формално го започна скрининг процесот, преку презентација на првото поглавје 23 – правосудство и фундаментални права.
На почеток од работната средба, обраќања до претставниците на преговарачката структура и Комисијата, имаше заменик-претседателот на Владата, задолжен за европски прашања и главен преговарач и шеф на државната делегација за преговори, Бујар Османи.
– Нам ни е јасно дека започнуваме комплексен процес, кој ќе се одвива во повеќе фази, во кој илјадници страни на т.н. „аки“ (Acquis), треба да бидат транспонирано во македонското законодавство. Но, дозволете да ве уварам дека мотивацијата и ентузијазмот меѓу администрацијата, граѓанскиот сектор, претставниците на бизнисот, но и воопшто кај граѓаните, од напредокот во евроинтеграциите е на исклучително високо ниво, и ве уверувам дека ние сме подготвени да се справиме со овој предизвик – рече Османи.
Во заклучокот од своето обраќање, Османи ги претстави трите траектории по кои Владата, но и целата држава ќе се движат во рамките на евроинтегративните процеси.
– Државата паралелно ќе се посвети на имплементација на Договорите за добрососедство со Бугарија и Грција, ќе го задржи реформскиот моментум за исполнување на забелешките и насоките на заклучоците од јунските совети, како и цврсти и бескомромисно ќе влезе во исполнување на обврските од објаснувачкиот скрининг, подготвувајќи се со тоа, на сите три полиња паралелно, за почеток на преговорите во јуни следната година – додаде Османи, посочувајќи на историскиот момент за одлука „шанса која оваа генерација не смее да ја пропушти“.
Во продолжение на средбата, обраќања до присутните имаа и министерката за правда, Рената Дескоска, како и директорот на Директоратот за проширување на Европската Унија, Кристијан Даниелсон и други претставници на Европската комисија.
Работната средба на која Европската комисија ја презентира анализата на поглавјето 23 – правосудство и фундаментални права за Македонија продолжува низ текот на целиот ден, а според агендата, работната група ќе продолжи со работа и во текот на утрешниот ден, кога се очекува да им се приклучи и еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.