Министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој престојува во Србија, денеска положи цвеќе пред училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград.
“Искрена почит кон невините жртви од застрашувачкото пукање во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград. Длабоко сочувствувам со семејствата и со пријателите на жртвите за нивната загуба.
Сликите од неодамнешните пукотници сè уште шокираат и неповратно ја променија реалноста. Овие промени ги чувствуваме сите.
Соочени со оваа незамислива трагедија, од клучно значење е да се здружиме во споделувањето на загубата и болката и да дадеме поддршка на најпогодените. Само така ќе потврдиме дека сме подготвени да спречиме вакви ужасни инциденти да се случат во иднина.
Тагата што ја чувствуваат семејствата, чиј живот беше засекогаш променет со овој чин, е неизмерна. Но тие не се сами. Заедно со ОБСЕ, нудиме утеха, сила и солидарност на нацијата обединета во колективната тага.
Споменот за жртвите нека биде поттик за сите нас напорно да работиме за побезбедна иднина, каде што училиштата се симбол на знаење и пријателство”, изјави министерот Османи.