Остри тонови од грчките десничари до македонската влада за спорот за името

Сподели

atina1-860x675

Лидерот на грчката десничарска партија Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис, од Европскиот парламент порача дека Грција ги има направено неопходните чекори за да се најде решение за името и дека тоа треба да го направи и владата во Македонија.

Одговорајќи на прашања на европските пратеници во рамки на состанокот на Европската народна партија во врска со спорот за името, Мицотакис посочи дека Грција го има изодено својот дел од патот за да се најде компромисно решение. Меѓутоа, според него, македонската влада ги нема преземено сите неопходни чекори за да се најде на половина пат со Грција и да се стигне до решение. Мицотакис бил јасен дека Нова демократија останува на познатиот грчки став дека конечното решение треба да биде сложено име со географска одредница за севкупна употреба.

Уште построга порака до владата во Македонија упати претседателот Прокопис Павлопулос од церемонијата за негово прогласување на почесен граѓанин на Кавала. Држејќи се до својот веќе познат радикален став, Павлопулос посочи дека Македонија е грчка и доколку Македонија сака да влезе во меѓународните институции мора да ја почитува грчката историја, а не преку пропаганда да ја извртува.

– Грчкиот карактер на Македонија кои некои се осмелуваат да го оспоруваат со опасни аргументи, а тука зборувам за скопската пропаганда, не може да се оспори. Нека не си замислуваат некои дека ќе се измориме да им велиме дека нема да попуштиме пред оваа пропаганда. Нема да направиме ниту една отстапка за ова прашање, ниту внатре ниту надвор од Грција и во однос на приемот на соседната држава во меѓународните организации. Неприкосновен услов е да ја почитуваат историјата, да ја почитуваат вистината – изјави Павлопулос.

meta.mk