Денеска во Скопје и во Ротимље (БиХ) ќе биде одбележана 18-годишнината од смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој заедно со членови од неговиот Кабинет загина во авионска несреќа во близина на Мостар.
На гробот на Трајковски и на вечните почивалишта на загинатите членови на делегацијата на градските гробишта во Бутел, цвеќе ќе положи претседателот на државата Стево Пендаровски, а делегации од Кабинетот на Претседателот ќе положат цвеќе и пред спомен-обележјето на местото на несреќата во Ротимље, како и на гробот на еден од членовите на делегацијата, во Велес.
Во авионската несреќа, што се случи на 26 февруари 2004 година, загинаа претседателот Борис Трајковски и осумчлена делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.