Отфрлена иницијативата за запирање на референдумот

Сподели

Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдум.

Со 7 гласа „за“ и два „против“, судот ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на собраниската одлука за распишување на референдумот. Според мнозинството судии, не постои сомнеж за неуставноста и незаконитоста на референдумот.

Судијката Елена Гошева на денешната седница побара поведување постапка и времени мерки, сметајќи дека референдумското прашање е двосмислено, нејасно и содржи 8 можни одговори.

Според уставниот судија Дарко Костадиновски, прашањето не е двосмислено и нејасно. „Предлагачот, односно Собранието, сака да ги консултира граѓаните. Трите прашања срочени во едно имаат причинско-последични врски. Тоа не ги доведува во заблуда граѓаните.

Воведување на времени мерки, значи прекинување на сите подготовки за спроведување на референдумот, активностите на ДИК, на Владата, на Собранието и целата кампања.

Подносителите сметаа дека одлуката за референдумот не е во согласност со Уставот на РМ, Законот за референдум и другите облици на непосредно изјаснување на граѓаните, како и со воспоставените европски стандарди и добри референдумски практики утврдени од страна на Венецијанската комисија. Тие бараа Уставниот суд целосно да ја поништи одлуката за референдум, а доколку одлуката ја донесе по референдумот, тогаш да ги поништи резултатите.