Во текот на изминатата недела, со специјалните возила пајак се подигнати 288 возила од јавните површини. Од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 48 се отстранети од зонските паркиралишта, а преостанатите 240 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице.
Контролорите на зонските паркиралишта во истиот период санкционирале вкупно 488 возила, поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 48 возила се отстранети со пајак службата, поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето.
Градот Скопје и јавното претпријатие „Градски паркинг“ апелираат до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта. Апелираме сите корисници на услугите за паркирање, навреме да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата, за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото. Плаќањето за паркинг-услугата може да се изврши преку СМС порака или со греб картичка.
Градот Скопје ги информираше сите претставништва на странски држави во
нашата земја дека своите службени возила треба да ги паркираат исклучиво на предвидените паркинг-места во градот, а во спротивно, возилата со дипломатски таблички ќе имаат ист третман од ЈП „Градски паркинг“ како и сите други непрописно паркирани возила.
Во изминатиов период, градоначалникот на Град Скопје неколкупати писмено се обраќаше до амбасадите кои не ги почитуваат прописите за паркирање со потсетување дека своите службени возила треба да ги паркираат на површини означени како паркиралишта.
Контролорите на ЈП „Градски паркинг“ секојдневно се соочуваат со непрописно паркирани возила со дипломатски таблички. Град Скопје стои на ставот дека законите треба да важат за сите, а и во Виенската конвенција за дипломатскиод носи се наведува дека дипломатските претставници треба да ги почитуваат локалните закони и прописи. Дипломатските возила треба да бидат уредно паркирани и притоа да не ја загрозуваат безбедноста на другите учесници во сообраќајот, ниту да го попречуваат движењето на пешаците и на велосипедистите.