Отворање на изложбата “Спасители”

Сподели

15241963_10155158387571111_7323339550264547347_n

Меморијален центар на Холокаустот на Евреите од Македонија, 30.ноември

Изложбата „Спасители“ е изложба на фотографии, подготвена во партнерство помеѓу Центарот за пост-конфликтно истражување (БиХ), PROOF: Media for Social Justice и Јејл Универзитетот, и истата содржи портрети и сведоштва од страна на фотографираните спасители, кои биле дел од конфликтите во Босна и Херцеговина, Камбоџа, Руанда и дел од Холокаустот. Портретите на спасителите се во авторство на Paul Lowe, Mirko Pincelli, Leora Kahn, Nicolas Axelrod, Sonia Folkmann и Riccardo Gangale.

„Спасители“ е компонента од „Обични херои“, мултимедијален проект на Центарот за пост-конфликтно истражување, кој се базира на интервенции во интеркултурното разбирање во општества кои опфаќаат различни социо-културни заедници. Проектот ја доби првата награда за културна иновација, доделена од Организацијата на обединети нации и генералниот секретар Бан Ки Мун во 2014 година, а истиот се состои од неколку компоненти, меѓу кои и 1)изложба на портрети и сведоштва на луѓе „Спасители“ кои имале значајна морална улога за време на конфликтите во Камбоџа, Руанда, Босна и Херцеговина, како и за време на Холокаустот, 2)серија на документарни филмови кои се однесуваат на вистинските приказни на граѓани на Босна и Херцеговина, чии засолништа за време на масовните злосторства во ова држава значеле и спас на животите на Другите.

Со отворањето на изложбата „Спасители“, се заокружува тридневниот настан организиран со соработка на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и Центарот за пост-конфликтно истражување (Сараево, БиХ). На 28 и 29 ноември, на Правниот факултет „Јустинијан Први“ ќе се одржат две младински работилници со програма во која ќе биде опфатена втората компонента од проектот „Обични херои“, како и други теми поврзани со транзициската правда.

Изложбата ќе биде отворена од страна на Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ и Татјана Миловановиќ од Центарот за пост-конфликтно истражување, а кратко тематско обраќање ќе има и проф. д-р. Љубомир Данаилов Фрчкоски.