Отворен е реконструиран објект на МВР зградата на Единицата за службени кучиња К9

Сподели

 

Денеска, делегација на Министерството за внатрешни работи, предводена од министерот Оливер Спасовски и делегација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, предводена од  амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја посетија Единицата за службени кучиња во Хиподром каде присуствуваа на свечено отворање на 79. реконструиран објект на МВР- административната зграда на Единицата К9. Делегациите извршија увид во градежните активности финансирани од ОБСЕ, за потребите на Единицата за службени кучиња на МВР, по што следуваше  показна вежба  од страна на Единицата за службени кучиња антитерористички преглед на возило, пребарување оружје и муниција, пребарување на наркотични средства, како и обука на млади кучиња за детекција на мириси за било која специјалност (експлозиви, наркотични средства, оружје, пари и друго).
 
 

„Во годината во која нашата држава претседава со ОБСЕ, можеме да кажеме дека преку бројни проекти ги докажуваме приоритетите кои се насочени кон континуирано унапредување на институционалниот капацитет. Токму овој проект придонесува кон јакнење на капацитетите на МВР кога станува збор за проблематиката со контрола на малото и лесно оружје и муниција. Етаблираме нови знаења и вештини, ја зголемуваме професионалноста на вработените, а со тоа и безбедноста на граѓаните”, рече министерот Спасовски во изјавата за медиумите.
 
 

Спасовски ги истакна и дел од проектните активности што МВР во партнерство со ОБСЕ ги спроведе, а во насока на низа градежни активности за унапредување на условите за работа и тоа: во Заедничките контакт центри Табановце, Деве Баир, Ќафасан, Блаце и седиштето на МВР во вредност од околу 490 илјади евра, надградбата на инфраструктурата на Единицата за службени кучиња во Хиподром, касарна Илинден и во Полицискиот центар ,,Ѓорче Петров“ во вредност од повеќе од 1.240.000 евра, како и донацијата од Мисијата на ОБСЕ наменета за Единицата за службени кучиња во вредност од 248.000 евра со која е овозможена подобрена мобилност на МВР преку специјализирани возила, приколки и друга опрема, а со цел зајакната оперативност за откривање на мало и лесно оружје, подобрена функционалност и услови за работа со службените кучиња во насока на намалување на ризикот од пролиферација на оружјето.

Потенцирајќи ја важноста од градење на мрежи и соработка помеѓу сите инволвирани страни, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Вал, рече:

„Денеска одбележуваме пресвртница во работата започната во 2021 година, кога го започнавме нашиот проект за намалување на ризикот од пролиферација на оружје и злоупотреба на мало и лесно оружје во Северна Македонија, во соработка со Министерството за внатрешни работи. Не можевме да стигнеме овде без ова блиско и успешно партнерство и без дарежливоста на нашите донатори – САД, ЕУ, Германија, Франција, Белгија, Норвешка и Словачка – без кои овој проект не би бил возможен. Оваа локација е само една од трите кои Мисијата ги има обновено. Инвестиравме и во објектите на специјалните полициски единици во Ѓорче Петров и касарната „Илинден“, обезбедувајќи ефикасно распоредување на ресурсите на К9 од повеќе локации. Веќе видовме некои од резултатите од нашата инвестиција, бидејќи единицата К9 продолжува да игра важна улога во клучните операции, како што беше за време на неодамнешниот бран закани со бомби”, истакна амбасадорот Вал.

 
 
 
 
Во оваа пригода министерот Оливер Спасовски му врачи плакета на амбасадорот Килијан Вал, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, за успешната  соработка и континуираната поддршка во модернизирање на капацитетите на МВР на РСМ.