Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити денеска беше во посета на Клиничката болница Тетово по повод отворање нова „Роса школа за доење“ со поддршка од Пивара Скопје.
“Повод за денешната посета на одделот за гинекологија и акушерство во Клиничка болница Тетово е отворањето нова „Роса школа за доење“ во оваа јавна здравствена установа, каде младите мајки и идни родители ќе имаат можност со поддршка од медицински лица да добијат комплетна стручна помош во овој процес, вклучувајќи и едукација за важноста и придобивките од доењето.
По тој повод сакам да ја истакнам одличната соработка со Пивара Скопје, како општестевно одговорна компанија, со чија поддршка, во рамки на втората фаза на овој проект годинава промовираме две нови школи за доење (од вкупно шест досега). Претходно се отворени и девет „Роса Школи за родителство“ во повеќе јавни здравствени установи, со цел поддршка на родителите во раните фази на родителство.
Овој месец, освен во болницата во Тетово, со поддршка од Пивара-Скопје опремуваме и нова школа за доење на Клиниката за детски болести во Скопје, каде доењето е посебно значајно за предвреме родените дечиња, кои се лекуваат на оваа клиника.
Овие школи функционираат одлично и во нив младите родители имаат можност за консултација со стручени тим – педијатар, гинеколог-акушер и патронажна сестра за предностите на ексклузивно доење, како и за други актуелни прашања поврзани со текот на бременоста, нега на трудници, подготовки за породувањето, негата и исхрана на новороденчето.
Платформата Роса школи за доење продолжува и во 2024 година и по тој повод заедно со генералниот директор на Пивара Скопје, Душан Митрев денеска потпишавме заеднички Меморандум за соработка за опремување на уште две нови школи за доење во јавни здравствени установи во државата, за што поконкретно ќе информираме дополнително во следниот период”, изјави Меџити.