Палмер: Договорот од Преспа е извонредно дипломатско достигнување

Сподели

Договорот од Преспа е извонредно дипломатско достигнување.  Несомнено е најважното дипломатско достигнување во регионот од Дејтонскиот договор, оценил заменик помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер на средбата со новинари во Грција, пренесе грчката новинска агенција АНА-МПА. Тој додал дека креативноста, добрата волја и силните односи меѓу луѓето кои беа задолжени за преговорите помогнале да се постигне договорот, јави дописничката на МИА од Атина.

-Палмер, исто така, испрати порака до соседната земја дека спроведувањето на договорот е клучот за напредок на Северна Македонија на патот кон интеграција во ЕУ. Ја истакна потребата властите во Атина и Скопје заедно да работат за да најдат начини, да се справат и ефикасно да ги решат сите точки на несогласување што може да произлезат за време на спроведувањето на Договорот Преспа, но и да се фокусирани на големата слика, на јакнењето и продлабочувањето на нивните односи и на европскиот пат на Северна Македонија, пишува АНА-МПА.

Во однос на улогата на Русија, рекол дека Москва работи против Договорот од Преспа, но и дека ќе продолжи со тие постапки „на начин на кој ќе се обиде да го поткопа спроведувањето на Договорот”.

-Русите преферираат спорови и немири во овој регион и до одреден степен недоверба меѓу државите од Западен Балкан, рекол Палмер и додал дека Русија работи против сѐ што отвора патишта кон НАТО и ЕУ.

Заменик помошникот државен секретар на САД, рекол дека Договорот од Преспа е особено важен и за привлекување инвестиции во Грција.

-Не постои нешто што повеќе им се допаѓа на инвеститорите од предвидливоста. А Договорот од Преспа ќе понуди предвидливост и сигурност, рекол Палмер и објаснил дека ова ќе биде повеќе видливо кога Северна Македонија ќе започне преговори со ЕУ и ќе почне усогласувањето со европските стандарди. Истакнал дека потребни се и низа реформи, вклучувајќи го и владеењето на правото.