Европската комисија предупреди дека е можно во седум земји да има јајца затруени со инсектициди. Велика Британија и Франција потврдија дека одредено количество такви јајца влегле на нивните пазари, а Белгија се нашла на удар на критики поради прикривање на скандалот иако уште во јуни надлежните знаеле дека во јајцата е присутен фипронил, потенцијално опасна супстанца.
Француската влада соопшти дека во две прехранбени фабрики во централниот и во западниот дел на земјата се пронајдени 13 товари јајца од Холандија кои биле контаминирани со фипронил.
Супермаркетите во Германија, Холандија и во Белгија повлекоа од продажба милиони јајца откако Белгија го испрати првото известување до Европска комисија на 20 јули.
Европската комисија соопшти дека јајцата за кои постои сомневање дека се затруени биле дистрибуирани во Франција и во Велика Британија преку Германија.
– Сега на ред се Шведска, Швајцарија, Франција и Велика Британија да ги продолжат проверките, затоа што на овие јајца може да им се влезе во трагата – изјави портпаролката на ЕК, Ана Каиса Итконен.
Се претпоставува дека холандската компанија „Чикфренд“ користела отровен инсектицид за да третира паразити кај пилињата.
Светската здравствена организација го смета фипронилот за умерено токсичен, а строго е забранет за животни наменети за прехрана кај луѓе.
Кризата од Холандија, Франција, Велика Британија и од Белгија се проширила на Германија, Швајцарија и на Шведска.