Паркинзи за велосипеди кај сите нови станбени, деловни и јавни објекти во рамки на градежна парцела треба да планираат инвеститорите, според одлуката на 8. седница на Советот на Општина Центар, која беше изгласана денеска.
Општина Центар ги задолжува инвеститорите кои поднесуваат барање согласно Законот за градење да обезбедат паркинзи за велосипеди секаде каде има простор и можност истите да се постават. Исто така, Општина Центар овозможува поставување на паркинзи за велосипеди и кај сите постојни станбени, деловни и други јавни објекти кои имаат простор за нивно поставување.
Уредувањето и обезбедувањето на овие паркинзи за велосипеди во рамки на една градежна парцела треба да е правопропорционално на бројот на станбени единици и бројот на паркинг места за моторни возила предвидени и содржани во објектот кој е предмет на барањето, согласно Законот за градење, како и на веќе изградените станбени и други објекти кои не се предвидени за домување на територијата на Општина Центар.
Општина Центар наложува минималниот потребен број на паркинг места за велосипеди кај новите и реновирани станбени згради со повеќе од три паркинг места за моторни возила да е две паркинг места за велосипеди за секоја станбена единица.
Минимално потребниот број на паркинг места за велосипеди кај нови и реновирани објекти кои не се предвидени за домување со повеќе од пет паркинг места за моторни возила, да е едно паркинг место за велосипед за секое паркинг место за моторно возило, информираат од Општината.
Општина Центар информира дека од вкупниот број паркинг места за велосипеди, минимум 50%, треба да бидат заштитени од кражба и атмосферски влијанија, предвидени во приземјето или на првото подземно ниво на објектот, во документациите кои се дел од постапките за издавање одобрение согласно Законот за градење.
Одредбите од оваа одлука се применуваат во постапките од Законот за градење, при што веќе изградените деловни објекти треба да ја уредат и усогласат инфраструктурата и опремата за паркинг за велосипеди во рок од две години од стапувањето на сила на оваа одлука, додека имателите на други објекти, кои не се предвидени за домување и кои имаат паркинг простор со повеќе од пет паркинг места за моторни возила, треба да ја уредат и усогласат инфраструктурата и опремата за паркинг за велосипеди во рок од една година од стапувањето на сила на одлуката.
Општина Центар преку уредувањето на паркинг за велосипеди во рамки на една градежна парцела има за цел да обезбеди простор наменет за паркирање и чување велосипеди на имателите и корисниците на објектите како и да стимулира поголема употреба на еколошки превозни средства. Преку оваа одлука ќе се овозможи намален метеж во сообраќајот, но и намалена загаденост на воздухот од користење на моторни возила.
Инаку, оваа нова мерка произлезе од барањата на Здружението за урбан велосипедизам „НаТочак“, за кои градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски поднесе иницијатива до општинскиот Совет, по што истата беше прифатена.