Парламентарни избори во Холандија

Сподели

Државјаните на Холандија денеска гласаат на парламентарните избори, каде ќе учествуваат 28 партии, односно 1.114 кандидати кои ќе се борат за 150 пратенички места. Право на глас имаат 12,9 милиони жители.

Аналитичарите наведоа дека главната битка ќе се води меѓу Либералната партија (ВВД) на холандскиот премиер Марк Руте и Партијата за слобода (ПВВ), на екстремниот десничар Герт Вилдерс.

Се очекува дека следната холандска влада ќе биде коалициона, а повеќето партии се изјаснија дека не сакаат да коалицираат со ПВВ.

Иако со месеци се наоѓаше на првото место, Вилдерс падна на второто место и сега има помала поддршка од граѓаните во однос на холандскиот премиер. Имено, Вилдерс се залага за затворање на џамиите, забрана на Куранот, затворање на границите и излез на Холандија од Европската унија.

За победа на изборите во Холандија потребно е да се добијат 76 пратенички места.

Благодарение на сложениот пропорционален изборен систем во Холандија, дури и малите партии можат да се изборат за одреден број на пратенички места и да добијат важна улога во формирањето на новата влада.

Најголемата дебата за време на предизборната кампања се водеше за здравствената заштита, пензиите и условите за работа.

Иако официјалните резултати од изборите треба да бидат соопштени на 21 март, а новиот холандски парламент воспоставен два дена подоцна, преговорите за формирање влада можат да потраат дури и неколку месеци.