Пацоли му забрани влез на Дачиќ во Косово и го нарече фашист

Сподели

Косовскиот заменик премиер и министер за надворешни работи Беџет Пацоли го прогласи за персона нон грата шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ затоа што го негира масакрот во селото Рачак, каде што српските сили во јануари 1999 година ликвидираа 45 цивили, од кои 30 жени, деца и старци, јави дописникот на МИА од Приштина.

Пацоли преку својата страница на Фејсбук порача дека „се додека фашистите како Дачиќ не се казнат нема да има помирување меѓу Косово и Србија“.

Шефот на косовската дипломатија потсетува дека неговиот актуелен српски колега во времето на режимот на Слободан Милошевиќ беше портпарол на неговата партија.

– Одвратно е и апсолутно неприфатливо негирањето на масакрот во Рачак од страна на сегашниот министер за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ, кој службуваше како гласноговорник на партијата на Милошевиќ во 90-тите години. Портпаролот на Милошевиќ постојано ги навредува жртвите и нивните семејства и ги негира масовните убиства и геноцидот во Косово од страна на режимот на кој му служеше со голема посветеност, пишува Пацоли.

Тој вели дека Србија извршила „најтешки злосторства против Албанците, Бошњаците и Хрватите во Европа од нацистичките злосторства во Втората светска војна врз Евреите“.

Косовскиот вицепремиер наведе дека Дачиќ продолжува да ги негира воените злосторства заради тоа што меѓународната правда потфрлила да ги казни тие што извршија злосторства против човештвото во Косово.

„Правдина за воените жртви во Косово нема да има се додека правдата продолжува да ги крие тие злосторства под килим. Доколку нема казна за злосторствата на Србија извршени во Косово нема никогаш да има помирување и овие фашисти во Белград ќе продолжат да ги негираат злосторствата кои ги извршиле“, пишува Пацоли.

Косовскиот вицепремиер информира дека донел одлука да им се забрани влез во Косово на сите српски официјални лица кои ги негираат воените злосторства.

– Како министер за надворешни работи одлучив сите српски официјални лица кои даваат изјави со кои ги негираат воените злосторства извршени во Косово да се прогласат за персона нон грата во Косово и го повикувам Обвинителството да преземе законски дејствија против нив – напиша Пацоли.

Шефот на српската дипломатија во интервју за руски „Вести“, што денеска го пренесуваат медиумите во Србија, изјави дека лажните информации за масакр во Речак биле повод за интервенцијата на НАТО против тогашната СР Југославија.

– Србите беа среќни кога Доналд Трамп ги доби изборите. Србите го мразат семејството на (Бил) Клинтон. Кога почнаа бомбардирањата, Клинтон, Медлин Олбрајт (поранешна американска државна секретарка) и Тони Блер (поранешен британски премир) лажно ја оправдаа агресијата со злосторства на српските сили и српската полиција, кои не се докажани во меѓународните судови, дури ни во Меѓународниот трибунал во Хаг. Настаните во Рачак беа директен повод за започнување на бомбардирањата- изјави Дачиќ.