Павле Трајанов: Да се признаат правата на македонците во Бугарија

Сподели

 

На денeшната средба на парламентарните партии, Павле Трајанов, пратеник и претседaтел на Демoкратскиот сојуз, во својот настап побара сите присутни, претседатели на пoлитичките партии, да упатат силна порака: „Бугарија да ги признае Македонците во Бугарија и нивните права на здружување, формирање на културни асоцијации и политички партии, како и други форми на здружување, заради негување на културните, јазичните и други обележја на Македонците“.

Со признавање на Македонците, ќе се направи историски пресврт во односите помеѓу Македонците и Бугарите, како и помеѓу двете држави, при што ќе се отворат перспективи за соработка во сите области.

За Павле Трајанов, врвни приоритети се:

1. Зголемување на одговорноста на сите носители на високи функции на централно и локално ниво во извршувањето на законските надлежности, како и одговорно и државничко однесување, во услови на економска криза и можна дестабилизација, како резултат на војната во Украина, отворените прашања помеѓу балканските држави, социјалната состојба и тенденцијата за етаблирање авторитарни режими.

2. Активирање на сите креативни потенцијали за справување со економската и енергетска криза, како и успешно завршување на СКРИНИНГ ПРОЦЕСОТ, битен за започнување на преговорите со Европската Унија односно отворање на преговарачките кластери. Во оваа насока посебно ја нагласувам потребата од темелни реформи на изборното законодавство, Македонија да биде една изборна единица и да се укинат системските предности за некои од партиите.

Неопходна е робусна борба против тешките облици на криминал прегу изградба на заокружен и ефикасен систем, како и темелни реформи на судскиот систем. Во врска со усвоената Преговарачка рамка за започнување на преговорите со ЕУ, Демократскиот сојуз како и досега цврсто стои на европскиот пат, како наш национален и државен интерес. Демократскиот сојуз бара македонскиот јазик да биде еден од официјалните јазици на Европската Унија, а билатералните и историските прашања да не бидат услови за напредокот во евроинтеграциите. Инаку, Бугарите во Македонија ги имаат сите права, како и другите етнички заедници, при што нивното вградување во Уставот не се доведува во прашање доколку има реципроцитет и се признаат правата на Македонците во Бугарија.

На средбата Трајанов ги отвори и прашањата поврзани со формирање коалициона Влада составена од сите партии, како и одржување предвремени парламентарни избори следната година (месец мај), доколку за тоа се обезбеди поширок консензус.