На денешната средба на лидери на политички партии, претседателот на Демократскиот сојуз, меѓу другото ги афирмираше следните ставови:
Прво, евроинтеграциските процеси на Македонија се во сериозен застој поради тоа што во изминатите седум години СДСМ и ДУИ не спроведоа темелни реформи во ниту една област, не воспоставија систем на владеење на правото, ја криминализираа државата, а ги партизираа сите институции, почнувајќи од Уставниот суд, па се до најниско ниво. Секојдневно медиумите, невладиниот сектор и политичките партии, објавуваат криминални афери, а надлежните институции ниту еден крупен случај не открија затоа што се блокирани од партиите на власт.
Со измените на Кривичниот законик, ДУИ и СДСМ, го урнисаа правниот систем и обезбедија амнестија за актуелните и поранешни носители на високи функции. Овде покрај партиските интереси, треба да се проучат и коруптивните елементи. Уставните измени со кои се предлага Бугарите да бидат внесени во Уставот, веќе година и шест месеци се користат за манипулација на јавноста и дискредитација на политичките опозициони партии пред меѓународниот фактор.
Во оваа насока без да се менува Преговарачката рамка, предлагам сите партии да побараме од Европската унија, со заклучок на Советот на Европската унија, Македонскиот јазик да биде официјален по приемот на Македонија во ЕУ, билатералните прашања вградени во Преговарачката рамка да не можат да бидат основа за блокада на евроинтеграциите на Македонија и да се задолжи Бугарија да ги имплементира одлуките на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур во врска со правата на Македонците во Бугарија на здружување и формирање на културни домови, здруженија и политички партии.
Само со вакви гаранции и реципроцитет можеме да ги заштитиме нашите национални и стратешки интереси. Мораме како народ да покажеме цврстина и единство.
Второ, потребни се коренити реформи на изборните правила и создавање на услови за рамноправен политички натпревар. Македонија да биде една изборна единица како темелна основа за промени и демократизација на државата. Измените на Изборниот законик со кој се предлага Македонија да биде една изборна единица, во јуни месец во првата фаза ги гласаа “за” сите партии, што значи има целосен консензус, но сега повторно овие измени се блокирани од ДУИ. Да ги изгласаме овие измени, како и измените предложени од ОБСЕ и ОДХР и да одиме на избори.
Трето, вториот круг од претседателските и парламентарните избори да се одржат во исти ден, сѐ со цел да не се создадат политички и безбедносни проблеми. Техничката (Пржинска) Влада е непотребна и само на власта ѝ одговара да ја релативизира одговорноста за катастрофалните состојби во државата, колапсот на институциите и секојдневниот грабеж на народот.
Инаку, со актуелниот состав на Владата, прекршен е Охридскиот рамковен договор и Уставот на Македонија, за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници и со технички премиер од редовите на ДУИ, дополнително ќе се наруши етничкиот баланс, што ќе се рефлектира и на меѓуетничките односи.
Мој предлог е оваа Влада, во овој состав, до продолжи со работа до парламентарните избори.