Коалицијата за промени и правда, предводена од Демократскиот сојуз, вечерва во Кавадарци ги претстави приоритетите од изборната програма и носителите на кандидатските листи за пратеници.
– Ние сме цврсто определени дека наш стратешки национален државен интерес е Република Македонија да биде дел од НАТО И Европската унија и сигурни сме дека во наредниот четиригодишен мандатен период Македонија ќе биде нивна полно правна членка, но без да го менуваме нашето уставно име, рече претседателот на Демократскиот Сојуз Павле Трајанов.
Тој истакна дека се залагаат домашните и странските компании да бидат изедначени и да се создадат услови минимланата плата да изнесува најмалку 300 евра. – Предвидуваме работното време да почне од 7 часот, да се укине радиодифузната такса, да се намалат казните за две третини, бидејќи високите казни го блокираат економскиот развој на Македонија, судската такса да изнесува само 100 денара, рече Трајанов.
За просветните работници меѓу другото, како што рече, предвидено е двојно да се зголемат платите и укинување на екстерното тестирање.
Носителот на листата за пратеници на коалицијата во Изборната единица 4 Слободан Богоевски истакна дека „сакаат држава на слободни и рамноправни граѓани, еднакви во правдата и во правото“.Сакаме, потенцира, просперитетна Македонија и да отвориме перспективи за младите.