Ноќниот клуб „Аватар“ од Струмица утринава е затворен од страна на Државниот пазарен инспекторат. Инспекторите во петокот навечер извршија контрола на клубот и подготвија записник, а за вчера најавија и кривична пријава до јавното обвинителство поради непочитување на здравствени прописи за време на епидемијата на ковид-19.
Инспекторите влегоа во клубот викендов каде констатирале неправилности, а најавија и кривична пријава. И покрај тоа, на ФБ страницата на клубот остана да се врти програмата за цел викенд, па во неделата вечерта, како што појасни Пауновски, повторно била пуштена екипа, но во локалот не се одржала журката.
„Ние со полиција пуштивме екипа која што чекаше. Ако отвореа, директно ќе пристапевме кон затворање. Секако ќе одиме и со затворање, меѓутоа, ја тераме таа постарата процедура, со решение, па затварање“, изјави вчера Пауновски кој додаде дека веќе од оваа седмица, ако се затекнат нерегуларности при работата на објектите, веднаш ќе се пристапува кон нивно затворање.
И Основното јавно обвинителство Прилеп оформи предмет по допрен глас против ноќниот клуб „Калипсо“ и неговиот управител поради непостапување според здравствените прописи, откако Државниот пазарен инспекторат преку социјалните мрежи утврди дека преку викендот се организирале забави со масовно присуство на гости.